„Ако денес почнеме автопат со техничка документација изработена во 2005 или 2010 година, тогаш таа може да не соодветствува со реалноста на терен. Можеби нешто се случило и изменило на терен во меѓувреме и така се јавуваат проблеми. Ќе влезе механизацијата и теренот не сооодветствува со проектот, тоа се случи со Кичево-Охрид. Сега целта е во реално време да се проектира и гради“ рече министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во „Утрински печат“.
Министерот додаде дека проектот изработен од „Бехтел и Енка“ ќе биде доставен на одобрување во Јавното претпријатие за државни патишта, како надлежен орган, а веднаш по одобрувањето ќе може да се започне со изградба.
„Вака податоците на терен се од претходните неколку месеци и се влегува на терен со работа. Нема да имаме грешки помеѓу проектната документација и изведувачите на терен. Нема да имаме спорови и обвинувања за разликите, бидејќи истиот изведувач ќе проектира и гради“ рече Бочварски.
Министерот рече дека во моментов компанијата врши мобилизација, по што ќе се започне со испитувања и уцртување на трасите и проектирање.
„Целта е да дозволиме фазна градба. На трасата Прилеп-Битола на пример имаме делници каде што има приватно земјиште, но има и делници со државно. Целта во фазното градење е на чистите делници да се почне веднаш да се работи, а паралелно со тоа државата да врши експропријација на останатиот дел од трасата. Со овој чекор побрзо и поефикасно ќе ги завршиме сите делници“ рече Бочварски.