Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес оствари средба со министерката за европски прашања на Кралството Шведска, Џесика Росвал, која престојува на работна посета на Северна Македонија.
Во фокус на разговорите беше европското досие на нашата држава и на регионот на Западен Балкан во светло на шведското претседателство со Советот на ЕУ.
На средбата Османи ги поздрави напорите на актуелното Шведско претседателство со Советот на ЕУ во справувањето со чувствителни прашања во создадените комплексни геополитички околности, особено предизвикани со руската војна на агресија против Украина. Во тој контекст ја истакна воената, политичка и хуманитарна поддршка со која Северна Македонија придонесува во меѓународните напори за справување со агресијата, вклучително сто-процентно придружување кон сите санкции на ЕУ против Русија во поглед на случувањата во Украина.
Османи накратко брифираше за нашиот пристапен процес, со акцент на одвивањето на скрининг процесот и подготвителните активности во државата во насока на исполнување на предвидените обврски пред одржувањето на втората Меѓувладина конференција со ЕУ и отворањето на преговарачките кластери. Исто така, ја реафирмира заложбата на нашата земја да продолжи со дијалогот со Бугарија врз основа на взаемно почитување и разбирање.
„Проширувањето на Унијата со земјите кои ги исполнуваат критериумите за членство е витално како за конкретните земји, така и за самата Унија. Потребни ни се јасни знаци дека проширувањето на европското семејство до 2030 година е возможна мисија.“
Во конструктивен и пријателски разговор, министрите разменија мислења и за перспективата на политиката на ЕУ за проширувањето, со фокус на идеите за забрзана интеграција на земјите од Западен Балкан, како кредибилен и вистински чекор во насока на подобрување на демократскиот развој, зголемување на економските можности за државите и граѓаните, како и помагање на процесот на помирување во нашиот регион.
На средбата, Османи ја повтори безрезервната поддршка на Северна Македонија за полноправно членство на Шведска во НАТО во најкус можен рок.
Во својство на претседавач со ОБСЕ, Османи ја запозна Росвел со актуелностите во однос на претседавањето со ОБСЕ низ призмата на утврдените приоритети, во кои европската безбедност и во тој контекст, Украина останува наш главен приоритет и клучно безбедносно прашање во рамки на ОБСЕ 2023.