Северна Македонија силно верува во европските вредности и останува целосно посветена на патот кон полноправно членство во Европската Унија, порача пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски, во своето обраќање во Европскиот парламент.
„Ги исполнивме сите услови за почеток на преговорите за членство во ЕУ и имаме поддршка од другите земји членки, веруваме во европските вредности, кои се водилка за развојот на македонското општество“, истакна Каевски.
Пратеникот Каевски во своето обраќање се осврна и на односите со Бугарија и положбата на македонското малцинство.
„Најосновното право што една личност или нација го заслужува е правото на самоопределување. Време е бугарските власти да ги почитуваат одлуките на Европскиот суд за човекови права, каде што јасно е наведено дека правата на македонското малцинство во Бугарија се прекршени, малцинство што државата треба да го препознае и признае и целосно да го почитува нивното место во општеството.
Време е да ги елиминираме сите сомнежи дека одредени политичари сакаат да ги нарушат добрососедските односи помеѓу двете држави одработувајќи за трети страни. Правото на самоопределување е основно човеково право, кое треба да го заштитиме за да можеме заеднички да градиме подобра иднина за нас и нашите деца“, заклучи Каевски.