23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Министерството за финансии на САД со предупредување до американските компании за руската нафта

Министерството за финансии на САД објави предупредување до американските компании во врска со можното непочитување на ограничувањето на цената на извезената руска нафта посочувајќи конкретно на нафтата извезена преку Источнопацифичкиот сибирски гасовод (ESPO) и пристаништата во источна Русија.

Канцеларијата за контрола на странскиот имот (OFAC) соопшти во понеделникот дека е запознаена со извештаите дека со суровата нафта извезена преку ESPO и преку друг извоз можеби тргува за повеќе од 60 долари за барел, највисоката одобрена цена наметната од западните земји.

OFAC издаде предупредување во врска со можното заобиколување на ова ограничување посочувајќи го Козмино како едно од пацифичките пристаништа во кои со руската нафта може да се тргува над граничната цена и истакнувајќи дека американските ентитети можеби несвесно обезбедуваат услуги за таа трговија.

„Овие американски даватели на услуги можеби не се свесни дека обезбедуваат услуги што вклучуваат руска нафта купена над ценовната граница бидејќи лица што не се од САД, а се вклучени во извозот, можеби доставиле нецелосна или лажна документација или користеле други измамнички методи“, велат од OFAC.

Од таму исто така препорачуваат американските трговски компании да ги зачуваат документите што покажуваат дека купувале руска нафта и нафтени деривати по или под највисоката дозволена цена.

Претходно во февруари, Министерството за финансии на САД објави упатство за спроведување на политиката за ограничување на цените за руската сурова нафта и за руските нафтени деривати.

Министерството се повика на своето упатство во своето понеделничко предупредување нагласувајќи дека лицата од САД што обезбедуваат услуги треба да одбијат учество во трансакции кои ги избегнуваат или ги прекршуваат определбите за ограничување на цената и да пријават таква трансакција до OFAC.

Компаниите од Г7 и земјите членки на ЕУ може да обезбедуваат финансиски услуги, како што се транспорт, осигурување и услуги за финансирање на руската нафта и нафтени деривати, само ако се продаваат под ограничената цена од 60 долари за барел.

Групата Г7, ЕУ и Австралија воведоа ограничување на цената на руската нафта од декември минатата година како дел од санкциите против Русија поради инвазијата на Украина.