Министерството за надворешни работи соопшти дека ќе ѝ остават уште 24 часа на ВМРО-ДПМНЕ да се извини за како што велат, грубите лаги.
„Изминаа 24 часа откако беа демантирани грубите лаги од страна на ВМРО – ДПМНЕ, пласирани за време на празници, а партијата сѐ уште не испрати извинување. Како поука за понатаму, за партија која е фатена на дело како лаже, оставаме уште 24 часа да се извини и кон Министерството и пред сѐ кон јавноста која беше вознемирена за време на празници.
Со тоа, станува очигледно дека обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ преставуваат свесен обид за внесување меѓуетнички тензии и раздор во општеството, што може да се потврди и од вордингот и тајмингот на самата манипулација пласирана од ВМРО-ДПМНЕ“ велат од МНР.
Фактот што обидот за манипулација на јавноста беше направен за време на празници, според МНР, претставува дополнителна навреда кон граѓаните на земјава, за што и очекуваат извинување.
Од МНР додаваат дека како одамна воспоставена пракса министерот се обраќа на ист начин од почетокот на мандатот како министер за надворешни работи последните три години, како и претходно две години како Вицепремиер за европски прашања.
„На јавните настапи пред домашната јавност министерот се обраќа на двата службени јазици, што е видливо и од самиот видео запис (подолу), при што за медиумите секогаш е обезбеден и соодветен превод, согласно Уставот и Законот за примена на јазиците“ појаснуваат од МНР.