26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Средби со Светска банка: Народната банка во континуитет ги јакне капацитетите за одржување на финансиската стабилност

Светската банка позитивно ги оценува политиките на Народната банка за одржување на финансиската стабилност. Во оваа смисла, на состанок се дискутираше и тековната техничка помош од Светската банка, со којашто преку повеќе проекти дополнително ќе се јакнат капацитетите на земјата и централната банка во неколку области поврзани со банкарскиот систем. Тие се однесуваат на унапредување на макропрудентната рамка, јакнење на капацитети за кризно управување, за управување со климатските промени, како и финализирање на законската рамка за решавање на банки. Дополнително во сферата на платниот систем, ќе се поддржат напорите за изработка на студија за дигитален денар. Проектите беа дискутирани за време на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка (СБ), за време на состаноците на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежовска и вицегувернерот Фадил Бајрами, со високи претставници на Светската банка, потпретседателката Антонела Басани и извршниот директор на Конституенцата на која припаѓаме, Кун Давидсе.

Со носењето на Законот за финансиска стабилност, минатата година, се воспостави институционална рамка за макропрудентната политика во нашата земја, и правно се регулираше улогата на Комитетот за финансиска стабилност во кој се вклучени сите финансиски регулатори. Народната банка изработи и нацрт Стратегија за макропрудентно управување, додека во следниот период фокусот ќе биде зајакнување на рамката за следење на системските ризици и креирање на макропрудентни политики. Во овие активности централната банка ќе добие поддршка од Светската банка.

Во насока на управување со ризиците кои произлегуваат од климатските промени и животната средина, а поврзано со финансиската стабилност, Народната банка е во финална фаза со подготовката на Зелената финансиска стратегија со поддршка на Светската банка. Исто така, Светската банка ќе обезбеди поддршка преку консултација во однос на утврдување на насоките кои централната банка ќе ги издаде за комерцијалните банки при идентификување, управување, следење и известување за климатските ризици, како и креирање на „зелена контролна табла“ на индикатори со ризици. Светската банка ќе даде и поддршка кон стрес-тестовите на банките од аспект на климатските ризици, кои се планирани за наредната година. Народната банка планира и организирање на Конференција за климатските ризици преку која ќе се работи на зголемување на свеста и ќе ги појасни супервизорските насоки и препораки за банкарскиот сектор.