Директорот на Агенција за храна и ветеринарство Николче Бабовски, денес и утре, во Подгорица, Република Црна Гора, на покана на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Црна Гора, учествува на конференцијата “Предизвиците на безбедноста и сигурноста на храната во југоисточна Европа”. На конференцијата учествуваат повеќе од десет делегации на земји-учеснички на Процесот на соработка во југоисточна Европа (СЕЕЦП), како и високи претставници на меѓународни организации од областа на безбедноста на храната. Целта на конференцијата е размена на искуства и знаења од оваа област од земјите од регионот и воспоставување нови соработки и партнерства.
– Агенцијата за храна и ветеринарство на Северна Македонија е независен орган на државната управа одговорен за креирање политики и за спроведување на активности поврзани со безбедноста на храната и храната за животни, во сите фази на производството, преработката, дистрибуцијата и продажбата. Покрај Законот за безбедност на храната, сите останати закони по кои постапува Агенцијата се комплетно усогласени со европското законодавство, постапувајќи согласно интегрираниот пристап „од фарма до вилушка“ – истакна Бабовски во обраќањето на првата сесија од Конференцијата, објаснувајќи ги надлежностите и активностите на АХВ.
Обезбедување безбедност на храната која се произведува но и увезува во земјата се целите кон кои се стреми АХВ, бидејќи секој од нас како потрошувач има право да консумира безбедна и квалитетна храна. Одржувањето на високо ниво на доверба на потрошувачите со преземање на навремени и ефикасни активности за спречување на опасности, ризици и закани низ целиот ланец на исхрана, додаде Бабовски во обраќањето пред учесниците на Конференцијата, како и поддршката на прехранбената индустрија во постигнување на високо ниво на усогласеност со правилата за безбедност и квалитет на храната, се дел од приоритетите кон кои се насочени активностите на нашата институција.
-Еден од најголемите предизвици за надлежните органи за безбедност на храната денес е спречување на измамите со храна кои понекогаш може да имаат сериозни импликации врз безбедноста на храната и здравјето на потрошувачите. Поаѓајќи од принципот „Безбедноста на храната е сечија одговорност“, Агенцијата за храна и ветеринарство е посветена на спроведување активности за подобро информирање на потрошувачите, нивна едукација, спроведување контролни и превентивни мерки, обезбедување независна научна експертиза придружена со лабораториски капацитет за проверка на автентичноста на храната, воведување и одржување на системот за собирање, следење и анализирање на информации поврзани со измамите со храна и развој на механизми и техники за истраги поврзани со нив, како и воспоставување соработка со Мрежата за измами со храна на Европската унија и доколку е можно, пристапување кон Мрежата за следење на онлајн трговијата – потенцира Бабовски.
Агенцијата за храна и ветеринарство во последните години презема низа активности со цел да ја подигне јавната свест дека безбедноста на храната е одговорност не само на надлежниот орган, туку и на операторите со храна, потрошувачите и пошироката јавност.