27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Универзитетот ФОН доделува 20 стипендии по повод Меѓународниот ден на Ромите

Американскиот универзитет на Европа – ФОН по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите упатува честитка до сите припадници на ромската заедница во земјава. Меѓународниот ден на Ромите е можност за сите нас да ја славиме ромската култура и да ја подигнеме свеста за проблемите со кои се соочуваат денес.

На Меѓународниот ден на Ромите, Американскиот универзитет на Европа – ФОН како дел од агендата на Обединетите Нации за образование 2030 и како општествено одговорна институција, ја продолжува својата практика за мотивирање, стипендирање и поддршка во образовниот процес на сите групи од нашето општество.

Па така, по повод Меѓународниот ден на Ромите, АУЕ – ФОН доделува 20 стипендии на припадници од ромската заедница, од кои 10 стипендии за додипломски студии во времетраење од 4 години и 10 стипендии за последипломски студии.

“Образованието претставува основен предуслов за подобрување на поширокиот економски и социјален статус на Ромите и за решавање на проблемите од современото живеење. Само со заеднички ангажман на надлежните институции и потенцирање на неопходноста од едукација на лицата кои живеат во недоволно развиените подрачја ќе се подобрат условите за живот. Сите заедно треба да се погрижиме и секому да му дадеме можност да биде дел од овој процес. Реалното интегрирање во општеството на припадниците на одредени етнички заедници ќе придонесе за решавање на постоечките предизвици со кои се сочуваат во 21 век“, изјави Сефер Цаноски, основач и генерален директор на Американскиот универзитет на Европа – ФОН.

Сите заинтересирани кандидати за стипендии од АУЕ – ФОН можат да аплицираат со испраќање на биографија или CV на info@fon.edu.mk или пак за повеќе информации да се обратат на телефонскиот број 070/345-999.