23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Продолжуваме да вложуваме во политики и мерки кои го унапредуваат животот на ромската заедница

По повод одбележување на Меѓународниот ден 8 април, денеска во Владата на Република Северна Македонија се одржа настан каде што покрај претставниците на Владата, присуствуваа и пратеници, амбасадори, претставници од Советот на Европа, РОМАКТЕД, градоначалници и други граѓански организации.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во своето обраќање се осврна на заложбите на Владата „градење на едно општество за сите“ и систем во кој сите граѓани ќе имаат еднакви права, еднаков пристап до ресурси и еднакви шанси за напредок.
„Силно се залагаме, интезивно работиме и со сите наши ресурси целиме кон Европската Унија. Свесни дека промени треба и мора да има, за да ги исполниме Европските стандарди и да одговориме на нивните иницијативи за унапредување на целокупното општествено живеење. Како држава се залагаме за забрзана интеграција на Ромите во сите општествени сфери,“ истакна Тренчевска.
Како резултат на Берлинскиот процес, Република Северна Македонија ја усвои „Декларацијата за интеграција на Ромите“ и со тоа се обврза за подобрување на нивната состојба во областа на образованието, вработувањето, здравството, домувањето, граѓанската документација и борбата против дискриминацијата.
„Како држава пристапивме кон изработка на нова Стратегија за инклузија на Ромите 2022 – 2030 која е дел од јавните политики на нашата држава за изедначување на степенот на вклученост и интеграција на ромската заедница со сите етнички заедници. Согласно потпишаната Познан Декларација и преземените обврски кои произлегуваат од неа, како Министерство, во рамките на своите надлежности, го имплементиравме проектот „Инклузија на деца Роми во предучилишно образование“, чија цел е отстранување на постоечките бариери за пристап до предучилишни установи на деца Роми на возраст од 3 до 6 години, инклузија на децата и нивна социјализација како и зајакнување на свеста кај нивните родители за важноста на раниот детски развој и образованието на нивните деца,“ рече Тренчевска.
Министерката информираше дека, 400 деца Роми на годишно ниво се бесплатно вклучени во Јавните детски установи преку заеднички проект на Министерството за труд и социјална политика, Ромскиот Едукативен Фонд и 20 Единици на локалната самоуправа. Во текот на годините на имплементација на проектот бесплатно се вклучени околу 5.000 деца во 20 општини.
„Од особена важност е и вклучувањето на Ромите на пазарот на трудот. Република Северна Македонија е на највисоко скалило со бројот на вработени Роми во Државната и Јавната администрација од сите земји во регионот (150 Роми се вработени во институциите на системот). Креирањето на Активните мерки за вработување во кои Ромите се таргет во неколку од нив, помага во вклучувањето на Ромите на пазарот на трудот,“ рече Тренчевска.
Таа информираше и дека и младите невработени Роми (15-29 години) се исто така се опфатени со Планот за Гаранција за млади 2020-2022 година.
„Во Гаранција за млади во 2022 година беа вклучени вкупно 1075 Роми Од нив, 245 лица биле вработени во период од 4 месеци по нивното вклучување во Гаранција за млади (преку посредување за вработување), а 36 лица биле вклучени во некоја мерките за вработување (обуки) со што ја подобруваат нивната вработливост. Решаваме и предизвици како непријавената работа. Ја креиравме Национална Програма за трансформација на непријавената работа. Оваа програма е изработена во рамките на Проектот Интеграција на Ромите 2020. Целта на Програмата е намалување на непријавената работа кај Ромите од 39% на 25% до 2025 година, “ рече Тренчевска.
Министерката истакна дека подготвен и усвоен е посебен Акциски План за жената Ромка кој ја отсликува заложбата на Владата да работи на поголема инклузија на жената Ромка и нејзина интеграција во општеството.
„Предизвик кој што е нотиран уште во 2011 година е неевидентирани лица во Матична книга на родени, предизвик кој ги ограничува овие лица во целосното уживање на нивните основни човекови права. Подготовката на Законот за лица неевидентирани во Матична книга на родени е пример за решеноста на Владата на Република Северна Македонија да помогне на оваа категорија на лица,“ истакна Тренчевска.
Во текот на 2020 се подготви посебен Закон само за оваа категорија на лица и со овој закон се овозможува лицата неевидентирани во матична книга на родени да се евидентираат, заради добивање на извод од посебната матична книга на родени и идентификациона исправа (лична карта) заради остварување на нивните права.
Според последните податоци околу 320 лица имаат добиено посебен извод на родени од кои 115 лица имаат добиено посебна идентификациона исправа во периодот од 2020 – 2022 година и за 100 лица се во редовна постапка.
„На крај би сакала да се заблагодарам на можноста да бидам дел од овој настан и во исто време на можноста на сите припадници на Ромската етничка заедница да им го честитам 8ми Април, Меѓународниот ден на Ромите,“ порача Тренчевска