Четворица сведоци, меѓу кои доставувач на лекови, докторка и обезбедувач, даваа искази за тоа што забележале во модуларната болница во Тетово пред таа да изгори до темел и загинат 14 лица. Обезбедувачот рече дека видел противпожарен апарат, а докторката не се сеќаваше дали некогаш видела уред за спречување пожари. Лицето што доставувало лекови, пак, рече дека забележал три противпожарни апарати. Судскиот процес, кој почна во септември минатата година, е речиси пред одлука дали директорите и докторот ќе одговараат за делата за кои се гонат. На 25 април тие ќе даваат завршни зборови.
„Мислам дека имаше 3 противпожарни апарати“, рече Башким Ибрахими, вработен во болницата од 2008 година како обезбедувач.
По него, сведокот Исмаил Сејрани пред судот посочи: „Влегувавме 5-6 пати на ден. Мислам дека видов противпожарен апарат“.
Докторката Ерселе Треси рече дека не се сеќава дали имало или немало противпожарни апарати и пред судот посочи: „На работа не ми беше приоритет да забележувам противпожарни апарати“.
Тетовското Обвинителството поднесе обвинителен акт, а се гони и правното лице, односно Општата болница – Тетово. Директорот Бесими и раководното лице Етеми, кои се прво- и второобвинет, се гонат дека сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност. Докторот се гони дека сторил кривично дело непостапување според здравствените прописи во време на епидемија. Според Обвинителството, директорот и раководителите се виновен поради тоа што немало системи за противпожарна заштита, а докторот затоа што дозволил да влегуваат роднини онаму каде што се лекувале болни од коронавирус, што беше забрането.
Стравотниот пожар, кој ја пеплоса модуларната болница во Тетово, со себе однесе и 14 животи на пациенти што се лекуваа од коронавирус, но и членови на семејствата, кои биле внатре во критичниот момент. 14 лица беа спасени пред објектот целосно да изгори.
Обвинителниот предлог е поднесен по десет месеци по поведената истрага. На 5 октомври Обвинителството објави извештај за причините за пожарот и информира дека сè почнало во моментите кога лекарскиот тим ја почнал реанимацијата на пациентка болна од Ковид-19, при што се случил краток спој на продолжен кабел.