Силна поддршка од градоначалниците доби Горан Герасимовски градоначалникот на Општина Центар за Иницијативата за конфискација на бесправно изградени објекти. Герасимовски вчера на седница на ЗЕЛС ја презентираше Иницијативата која им оди во прилог на сите управители на локални самоуправи. Дел од дивоградбите низ годините преку Законот за легализација добија својата легална завршница, но голем дел од предметите сѐ уште талкаат во административните лавиринти. Иницијативата која ја презентираше Герасимовски значи крај на експанзијата на бесправните објекти и крај на црпење на буџетските средства за уривање објекти. Целта на Иницијативата е да најде и произведе решение и можност за конфискација на бесправно изградените објекти и нивна пренамена во функција на општината.
„Според постоечкиот закон на нелегалните објекти општините со динамит им ги рушат потпорните ѕидови по што на местото останува грда слика со урнатини. Само за една градба на Водно од буџетот на општината треба да се одлеат околу 5 милиони денари само онеспособување, а не целосно отстранување на нелегалниот објект. Во Општина Центар има неколку дивоградби кои сериозно го празнат буџетот кој може да биде искористен за други цели. Верувам дека ова е проблем кој не засега сите затоа што нема општина каде нема нелегални градби. Затоа со оваа иницијатива ќе ги заштитиме буџетите на општините и ќе добиеме нови објекти кои може да ги пренаменети за различни потреби кои ни доаѓаат граѓаните“, изјави Герасимовски на седницата на Зелс.
Преку оваа Иницијатива Герасимовски пред градоначалниците напомена дека потребно е да се интервенира во две законски решенија Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочна постапка за чие спроведување е надлежно министерството за правда и Законот за постапување со бесправно изградени објекти чија надлежност ја има министерството за транспорт и врски.