“Мислам дека подлабока позадина од неговиот страв од она што значи модернизација, опремување и напредок на македонската армија, нема. Јас лично немам дилема што се случува во ВМРО-ДПМНЕ и конкретно кај пратеникот Ковачки“, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска, по денешниот брифинг со медиуми.
„Жално е што доскорешен припадник на македонската армија, кој сам одбрал да ја фрли униформата и да облече костум за да ѝ служи на една политичка партија и да ја замени армијата, се служи со вакви невистини.
Сѐ што досега изнесе во јавноста е тотална невистина. Можеби јас имам разбирање за нападите врз мене. Тие се политички мотивирани со цел да се нанесе штета на мојот углед. Но, не можам да најдам објаснување и оправдување за нападите врз неговите поранешни колеги, припадниците на македонската армија, кои одбрале да ја задржат униформата и да останат во овие редови и да работат за интересите на државата.
Како министерка за одбрана морала и секаква обврска имам на тоа да се спротивставам. Сѐ што беше кажано во изминатиот период од него е навистина една голема лага. Да ги обвините вашите поранешни колеги, сегашни припадници на армијата дека крадат, дека биле уапсени некаде, дека нанесуваат штета на државата навистина е ноторна лага.
Од денес натака немам намера да одговорам на ниедно негово прашање затоа што тој не го заслужува вниманието ниту на Министерството за одбрана, ниту го заслужува вниманието на припадниците на македонската Армија.
Тој се плаши од две работи. Тој се плаши од овие две папки. Во едната се доказите со кои ги побивам сите негови тврдења дека кријам имот. Ова е составен дел од тужбата што ја поднесов против него, како што впрочем и ветив на македонската јавност. Се разбира, ќе барам тој судски процес да биде отворен за јавноста за да можете сите вие да видите што се случува.
Во втората папка се крие товарот на неговото минато, кој што длабоко го боли и за кој не може да добие НАТО сертификат. Јас не сум дел од неговото минато. Тоа што тој правел во минатото е негова одлука и за тоа треба да ги сноси последиците.
За жал, оваа папка е заштитена, но еве го поттикнувам, бидејќи секогаш е за транспарентноста во јавноста, нека се отвори пред вас и нека ви каже. Тој најдобро може да зборува за своето минато“, вели Петровска како одговор на новинарско прашање.
Б. Јордановска
камера: Александар Ризински
монтажа: Ариан Мехмети
извор Civilmedia.mk