24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

„Тиквеш“ прогласена за компанија со најголем раст на извозот во регионот

Винарска визба „Тиквеш“ ја доби наградата за компанија со најголем раст на извозот во регионот за 2022 година, што ја доделува Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан, во соработка со Европската комисија. „Тиквеш“ е единствената македонска компанија што ја добива оваа престижна награда во споменатата категорија.

Наградата е резултат на континуираните напори и активности на „Тиквеш“ за промоција на врвните македонски вина и нивниот пласман на странските пазари, меѓу кои секако најзначајни се и пазарите во земјите од регионот на Западен Балкан, каде вината на „Тиквеш“ се традиционално присутни и одлично етаблирани. Најдобaр показател за успехот на ваквата стратегија е растот на извозот од 64%, остварен во текот на минатата година, а кој во голем дел се должи и на пласманот на вината на „Тиквеш“ на пазарите во регионот.

„Чест ни е што Tиквеш се препознава како формула за успех кој трае. Тоа е така затоа што нашата суштинска вредност не се менува, додека бизнис стратегијата успешно ја адаптираме на светот кој се менува“, изјави генералниот директор на ВВ „Тиквеш“, Радош Вукиќевиќ.

„Регионалниот пазар e територија со најголем потенцијал за одржлив раст на извозот, поради фактот што во регионот постои висока свест за брендовите на Тиквеш и препознатливост на квалитетот на нашите вина. Генерално во нашиот регион компаниите од винската индустрија се еден чекор пред компаниите од другите сектори. Веќе настапуваме заеднички на неколку саеми, промовирајќи го регионот како одлична туристичка дестинација, но уште поважно, ги промовираме нашите лозови насади, нашата традиција за производство на вино и нашите локални и автохтони сорти и нивниот квалитет”, истакна Вукиќевиќ, нагласувајќи го значењето и придобивките од регионалната соработка.

Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан (Western Balkans 6 Chamber Investment Forum) е заедничка иницијатива на стопанските и индустриските комори од Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово, којшто ги застапува интересите на повеќе од 350.000 компании од регионот, во својата мисија да ја поврзе бизнис заедницата од регионот и да ја обедини во нејзините заеднички интереси.

Наградата за најуспешните компании во регионот, која е поддржана и од Европската комисија, е востановена по повод тригодишнината од почетокот на имплементацијата на Акцискиот план за создавање на заеднички регионален пазар, како и 30-годишнината од создавањето на заедничкиот пазар на ЕУ.

Со церемонијата на доделување на наградите на најуспешните компании во регионот, беше најавен состанокот насловен „Еден регион, една економија – напредок кон единствениот пазар на ЕУ за бизнисите од Западен Балкан“, што се одржува во Скопје, во рамки на платформата за економска соработка помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија.