24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Германија ќе донесе нов закон за странците, еве што значи тој за граѓаните на Македонија

Најавената реформа е најобемната ревизија на правилата за германско државјанство од 2000 година, кога децата на имигрантите во Германија првпат станаа автоматски подобни за државјанство.

Германија подготвува нов закон со кој на странците ќе им биде полесно да добијат германско државјанство. Тоа е една од мерките во рамките на пошироката реформа на имиграциската политика со цел зголемување на вкупната работна сила.

Предлог-законот, кој ќе биде претставен во Бундестагот во наредните месеци, ќе овозможи поднесување барање за државјанство по пет години престој во земјата, наместо досегашните осум. Оние кои ќе изразат желба за брза интеграција, на пример ако научат германски, ќе можат да поднесат апликација веќе по три години.

Ќе биде укината и забраната за двојно државјанство за имигрантите од земји кои не се членки на ЕУ, што значи дека имигрантите повеќе нема да мора да се откажат од државјанството на нивната матична земја. Во моментов, право на државјанство имаат само луѓето со пасоши на ЕУ или оние со еден родител од Германија.

Германската влада ја претстави својата верзија на „зелениот картон“ на крајот на минатата година, а на квалификуваните работници им го олеснува влезот во земјата дури и ако немаат претходна понуда од германски работодавач. Но, тие мора да исполнуваат најмалку три од четирите критериуми. Станува збор за поседување на високо образование или професионална квалификација, работно искуство од најмалку три години, познавање на јазикот или претходен престој во Германија и дека се помлади од 35 години.

Најавената реформа е најобемната ревизија на правилата за германско државјанство од 2000 година, кога децата на имигрантите во Германија првпат станаа автоматски подобни за државјанство.

Коалициската влада спроведува низа социјално прогресивни политики во обид да привлече 400.000 квалификувани странски работници секоја година за да се балансира со стареењето на населението и недостигот на работна сила.

Германија достигна рекорден број жители – 84,3 милиони во 2022 година – поттикната од силно зголемување на нето имиграцијата, за што придонесоа и украинските бегалци. И покрај ова, економијата се бори со недостиг на работна сила додека населението старее. Истражувањето спроведено во јануари покажа дека повеќе од половина од германските компании се борат да ги пополнат слободните работни места поради недостаток на квалификувани работници.

Во исто време, Германија заостанува во однос на стапките на натурализација во споредба со другите европски земји. Во 2020 година беа доделени 1,3 државјанства на 100 странски жители, додека просекот на ЕУ е 1,6. Ова го отежнува влезот на странските работници на пазарот на трудот. Се проценува дека 10 милиони луѓе – околу 12 проценти од 80-те милиони жители на земјата – во моментов живеат во земјата без германски пасош, што значи дека немаат право на глас или можност за вработување во одредени владини служби.

Новиот закон треба да се најде во Бундестагот во наредните месеци со цел да се гласа до летото 2023 година.