25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски-Руе: Со поддршка од ЕБОР се реализираат клучни капитални проекти за забрзан развој на државата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, оствари средба со директорката на Европската банка за обнова и развој за Централна и Источна Европа, Шарлот Руе и шефот на Канцеларијата на ЕБОР во земјава, Анди Аранитаси.

На средбата присуствуваа заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за финансии, Фатмир Бесими и директорот на АД за вршење на енергетски дејности Национални енергетски ресурси Скопје, Бајрам Реџепи.

Досегашната соработка на Република Северна Македонија со Европската банка за обнова и развој беше во фокусот на денешната средба, каде беа потврдени заложбите на двете страни успешната соработка да продолжи и во иднина.

На средбата се разговараше за модернизација на патната инфраструктура, железничко поврзување со земјите од регионот, изградба на инфраструктура, заштита на животна средина, како и енергетиката, каде посебен акцент беше ставен на гасниот интерконектор со Грција. На состанокот, претставниците на Европската банка за обнова и развој ја нагласија нивната посветеност во поддршка за реализација на проекти за зелениот развој во земјата и искористување на обновливите извори на енергија.

Премиерот Ковачевски, во име на Владата на Република Северна Македонија, се заблагодари на поддршката од Европската банка за обнова и развој за реализација на проекти од различни области, со што се овозможува забрзување на економскиот раст на земјата, создавање поволна клима за странски инвестиции, како и подобрување на животот на граѓаните, со што државата се движи напред на патот на евроинтеграциите. Премиерот Ковачевски на средбата истакна дека реализацијата на капиталните проекти се врвен приоритет на Владата. Тој потенцираше дека ЕБОР е еден од нашите најголеми партнери во поддршката за имплементација на проекти од повеќе области низ целата држава кои се клучни за подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните, но и за развој на економијата. На средбата беше истакнато дека соработката со Европската банка за обнова и развој ќе продолжи и во иднина.

Европската банка за обнова и развој е активна во Република Северна Македонија од 1993 година и досега има одобрено 171 проекти во државава, од кои најголем дел се наменети за проекти во јавниот сектор. Таа е најактивната меѓународна финансиска институција која обезбедува поддршка за тековни проекти од околу 900 милиони евра, од кои 760,6 милиони евра се во транспортниот сектор.