23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Oбјавен повик за финансиска поддршка за воведување нови авиолинии

Министерството за транспорт и врски го објави новиот јавен повик за финансиска поддршка за нови авиолинии за следните две години.

На повикот може да се пријават сите заинтересирани авиокомпании, кои ги исполнуваат зададените критериуми.

„Да поседуваат уверение за работа издадено од земја членка на Европската Унија во согласност со прописите за издавање уверение за работа на авиопревозници; да имаат превезено најмалку 10 милиони патници во 2019 година; да имаат остварено профит од минимум 25 милиони евра во 2019 година; да достават изјава заверена на нотар, дестинацијата за која добива финансиска поддршка од државата и по завршувањето на финансиската поддршка да продолжи да ја оперира за период за кој ги добивал субвенциите. Во спротивно, ќе биде должен да го врати целиот износ на средства што ги добил како финансиска поддршка“, се наведува во критериумите на повикот.

Финансиската поддршка ќе се доделува во согласност со рангирањето на новите дестинации, односно период на оперирање на дестинацијата, број на неделни летови, атрактивност на аеродромот кон кој оперира и број на седишта понудени на продажба.

Во однос на износот на финансиската поддршка, таа ќе изнесува 7 евра во денарска противвредност од патник во заминување превезен од Меѓународен аеродром „Скопје“, а 4,5 евра во денарска противвредност од патник во заминување превезен од аеродромот „Св. апостол Павле“ – Охрид.

Краен рок за доставување на барањата за учество во постапката е 31 март до 12 часот, во архивата на Министерството за транспорт и врски.

Јавното отворање на барањата за финансиска поддршка ќе се одржи на 3 април во 12 часот.

„Комисијата задолжена за спроведување на јавниот повик, составена од номинирани претставници од повеќе државни институции, стои на располагање во текот на времетраењето на јавниот повик за сите дополнителни информации“, велат од Министерството.

Јавниот оглас е објавен во „Службен весник“ и на веб-страницата на Министерството за транспорт и врски.