26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицевски: ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за разрешување на министрите, ова е крпење на мнозинството

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за разрешување на министрите во оваа реконструкција на владата на Ковачевски затоа што како и пред една година, така и сега имаме ситуација на крпење на мнозинство без јасна цел, без програма, без визија, истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

„Ова што би рекле луѓето е состојба во која од една страна крпат, а од друга страна, им се кине владејачкото мнозинство затоа што едноставно веќе е изгубен целосно легитимитетот на граѓаните. Креирањето на мнозинство во Собранието и менувањето не е базирано на принципи, туку обичен пазар 3-апсурд, кој треба да ѝ даде живот уште некој месец на оваа клинички мртва Влада на Ковачевски. Ковачевски, СДС и ДУИ се соочени со своите неспособност, криминал, корупција и внатрешни конфликти и затоа ваквата гимнастика со разрешување, именување и просто пазарење нема ништо да подобри во Македонија, туку, напротив, ќе ги усложни и продлабочи проблемите на штета на граѓаните. Единствениот излез од овој калабалак се избори и креирање ново мнозинство со легитимитет од граѓаните“, вели Мицевски.

Според него, агонијата на оваа власт не е проблем сама по себе, проблем е што тоа се префрла во општеството и институциите и затоа Македонија тоне. Оценува дека тоа што СДС се претвори во помал и подреден партнер на ДУИ и Груби не е проблем само по себе, туку проблем е што покорно молчи и дозволува нечии криминални интереси да се спроведуваат преку оваа вештачки одржана во живот власт на штета на народот.

„Владата на Ковачевски се претвори во излитен материјал што го крпат, а тој пак се кине, во случајот затоа што легитимитетот е излитен. Но, стравот на ова мнозинство од соочување со народот е огромен и затоа е целиот овој циркус што го прават изминатиов период“, потенцира Мицевски.