„Сакам да се заблагодарам до сите инволвирани во решавањето на предизвиците од сабјер нападот и тука пред се мислам на ИТ тимот, на инженерите, кои деноноќно и посветено работеа и успеаја да ги вратат функциите на системот во рекордно време. Велам рекордно бидејќи статистички, на многу поразвиени земји, просечно им требале дваесетина дена за да ги вратат функционалностите“ изјави директорката на ФЗО, Магдалена Грашковска Филиповска на брифинг со новинарите.
Таа кажа дека најважно е што според сите анализи на ИТ ескпертите, нема одлевање на податоците на граѓаните.
„Граѓаните да се спокојни, податоците не беа украдени, тоа се шпекулации, податоците се безбедни и заштитени во Фондот. Во моментов тече истрагата за сите детали, и кога истата ќе заврши ќе биде можно да се споделат и повеќе информации. Но, сакам да повторам, здравствените и личните податоци се безбедни и граѓаните непречено може да си ги остваруваат сите свои права. Исто така, системите на Фондот се вратени речиси во нормала и исплатени се и платите на здравствените работници, но и породилното, боледувањата и разните рефундации“ рече Грашковска-Филиповска.
Слични вакви напади на базите на здравствените осигуреници се случиле во повеќе земји, а според достапните податоци „рансомвер“ нападите на системите во здравството во САД се дуплирале за само пет години. Според истражувањето на Американското медицинско здружение дури 42 отсто од нападите предизвикувале онеспособување на системите за пружање заштита подолго од две недели.
„Ние како земја не сме по ништо исклучителни во вакви напади кои се интензивираат после војната во Украина а со која трети страни целат да направат хаос во државниот систем и предизвикуваат паника и немир кај граѓаните. Сајбер нападите се случуваат и ќе се случуваат. Хибридното војување не е ново, буквално сите земји во светот се соочуваат со сајбер напади, и затоа овој период сме посветени на јакнење на нашата отпорност, работејќи и со други земји и стратешки партнери“ изјави директорката Грашковска-Филиповска.