На првото издание на анонимниот конкурс за краток расказ „Тврдоглави”, наменет за млади писатели (на возраст од 16 до 26 години), пристигнаа 206 раскази, кои ги оценуваше стручно жири во состав: Оливера Ќорвезироска, Владимир Мартиновски и Николина Андова Шопова.
Жирито констатираше дека најголемиот дел од пристигнатите раскази ги задоволуваат предвидените пропозиции, а десетина текстови, кои по обем се значително подолги и инклинираат кон новели и куси романи, беа исклучени од процесот на селекција.
По опсежните дискусии за текстовите кои влегоа во поетесен избор, се донесе едногласна одлука во која беа одбрани три наградени раскази: првонаграден е расказот „Хектор” (шифра 11597); на второ место е расказот „Тринастега” (шифра Тринастега), а на трето место – расказот „Кучешки празник” (шифра Аглаонема). Жирито донесе одлука да издвои и три раскази кои заслужуваат пофалба: „Архивски назив: Тремор” (шифра Јупитер 8836), „Судиска грешка” (шифра John Doe) и „Улицата на багремите, бр.18” (Шифра: Табјера 18).
„Иако кај сите наведени раскази можат да се забележат и одредени слабости, сите наградени и пофалени раскази се истакнуваат со одреден изграден, особен авторски стил. Секако, постои простор за подобрување и надградување, за авторско „растење“ кај авторите на овие раскази. Од она што овие текстови го нудат на стилски, идеен и естетски план, јасно е дека таквиот потенцијал е несомнено присутен. Станува збор за раскази кои сведочат за нови авторски писма и оригинални пристапи во уметноста на кусото раскажување“, велат од жири комисијата.
1. „Хектор”
Создавајќи фантазмагорична атмосфера, расказот „Хектор” нè води низ необичната, бизарна приказна: главниот лик брза на сопствениот погреб, во место во кое сите машки деца треба да бидат погребани. Дозата црн хумор во расказот е внимателно определена, а забележлива е и грижата за структурата и специфичниот раскажувачки ритам и стил. Текстот се доближува до фантастиката и дистопијата, иако поради хуморот и одредената доза метафоричност не можеме да го определиме како фантастичен расказ. Со специфичен, автентичен и уверлив стилски израз, авторот/авторката успева да раскаже возбудлива, интересна и заокружена приказна. Впечатлив е автентичниот раскажувачки пристап базиран на црниот хумор и функционална недореченост. Во расказот нарацијата е искористена како семантичка назнака за одолговлекување на дејството спроведена и со одолговлекување на самата нарација. Очигледен е обмислениот концепт на хармонија помеѓу тоа „што се раскажува“ и тоа „како се раскажува“. Расказот има интересна, очудена структура: рамката на случката е речиси исто долга колку и вметнатиот дел со „играта“, чијашто намера е да одолговлекува, впрочем, како што ја одолговлекува својата смрт и главниот лик – Хектор.
2. „Тринастега”
Тематски, расказот „Тринастега” би можеле да го квалификуваме како љубовна приказна, иако ни е прикажан практично нејзиниот почеток. Видлива е грижата на авторот-авторката за економичноста на изразот. Текстот е кус по обем, но успешно е создадена
сугестивна приказна со изградени ликови и со вешто напишани дијалози: доволни се и неколку реплики за да се исцртаат контурите на ликовите, што сведочи за драматуршката вештина на авторот/авторката. Во расказот е вклучена и епистоларија, како и повеќе референци од литературата и филмот, а науката и научните откритија функционираат на симболичко-метафоричко ниво. Сето тоа е сместено на прилично мал простор, но цврстината на „наративната градба“ не се нарушува. Крајот на расказот е (полу)отворен, но и прилично сугестивен. Како, впрочем, и самиот наслов, кој иако навидум не значи ништо – целосно ја содржи суштината на расказот. Зборот „тринастега“ е и јазична и наративна игра истовремено, зашто го антиципира спојувањето на две нешта, но и на двата лика во можна идна, љубовна врска.
3. „Кучешки празник”
Расказот „Кучешки празник“ ни дава увид во светот на осамениот и отуѓен млад поединец, кој свесно се издвојува од толпата, спротивставувајќи се на нејзините повторливи и површни ритуали. Нарацијата балансира помеѓу внатрешниот, интимен свет на главниот лик и надворешниот свет на „имитација на среќа и лажно лицемерие“. Нагласена е иронијата кон површниот, „задолжителен“ и изнасилен новогодишен хедонизам, а на моменти поентирањето е и доста експлицитно. Важно е да се нагласи доследноста во стилот и чувството за создавање заокружена структурна целина, што особено е видливо од начинот на кој е изведен крајот на расказот. „Кучешки празник“ е раскажувачка авантура, некогаш недоволно јасна, како и секоја авантура. Колебливоста на наративната нишка низ расказот симулира извесна нејасност и во современото живеење, и на тој начин станува препознатлива авторска стратегија.
За пофалените раскази
Меѓу пристигнатите раскази постои јасна тенденција да се пишува на актуелни, модерни теми (ова особено важи за „Судиска грешка“ и „Улицата на багремите“, во кои се третираат темите на војната и неконтролираната, дива урбанизација), како и склоноста кон игри со формата (во расказот „Архивски назив – Тремор“). Трите пофалени раскази нудат една можна перспектива за понатамошен развој на одделни раскажувачки практики, надвор од помодноста и од трендот, слободно надоврзувајќи се на најразличните универзални раскажувачки практики во современата македонска книжевност, но и пошироко. Експериментирањето со формата, линеарното раскажување и постмодернистичките стратегии се широко отворени, рамноправно можни и за најмладите автори кои пишуваат на македонски јазик.
Конкурсот „Тврдоглави” е во чест на еден од доајените на современата македонска книжевност, Славко Јаневски (1920-2000). Има за цел да ги поттикне и промовира младите писатели на македонската книжевна сцена.