24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Ја зацврстуваме соработката со САД, ги промовираме нашите стратешки интереси и на глобален план

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска, одржаа прес-конференција, на која информираа за активностите во врска со Стратешкиот дијалог меѓу Република Северна Македонија и САД.

Премиерот Ковачевски информираше дека Владата, на денешната седница го прифати текстот на Планот за активности во рамките на Стратешкиот дијалог на Македонија со САД.

„Со ова го потврдуваме силниот сигнал дека САД се наш стратешки партнер и тоа за нас како држава е од голема важност. Сега од кога било, со дијалогот ја надградуваме нашата досегашната соработка, партнерство и заложби за безбедност, слобода и демократски просперитет, почитување на правото, борба со корупција и криминал и другите закани по мирот ширум светот“, изјави премиерот Ковачевски на заедничката прес-конференција со министерот Османи.

Премиерот потсети дека нашата држава годинава обележува 15 години како одржуваме стратешко партнерство со САД, период во кој континуирано добиваме поддршка во демократскиот и економскиот развој на земјата.

„Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан која одржа Стратешки дијалог со САД. Тоа е само надградба на досегашното долгогодишно стратешко партнерство меѓу двете земји и подигнување на билатералните односи на повисоко ниво. Владата предводена од СДСМ, постави стратегиски определби за Северна Македонија и истите ги остваруваме со инцијативи и конкретни чекори, независно дали се работи за внатрешна или надворешна политика. Тоа е единствениот начин да ја развиваме земјата, единствено така можеме да придонесеме за промоција на нашите стратешки интереси и на глобален план“, нагласи премиерот.

Ковачевски потенцираше дека целта е што побрзо членство на Македонија во Европската Унија, бидејќи, како што истакна, на граѓаните им се потребни европски институции, европски стандард, европска иднина.

„За да го оствариме тоа потребни ни се структурни реформи, за тоа ни е потребно единство, одлучност, сега не е време за партиски калкулации. Цврсто сум убеден дека местото на Северна Македонија е во кругот на земјите-членки на Европската унија, затоа треба да ги искористиме сите можности и врз основа на поставени принципи на заштита на интересите на граѓаните да го оствариме тоа“, смета премиерот.