25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Казнено-поправната установа „Скопје“ реагира на изнесените лаги и невистини, како и манипулации од страна на одредени политички партии во изминатиот период, а по повод, како што велат, бегства на затвореници

Казнено-поправната установа „Скопје“ реагира на изнесените лаги и невистини, како и манипулации од страна на одредени политички партии во изминатиот период, а по повод, како што велат, бегства на затвореници.

Најпрво укажуваме дека директорот Филип Андов, раководи со институција – затвор, а не со логор. Тоа би значело дека сите права кои им следуваат на затворениците мора и им се овозможени, согласно законите и правилниците на затворот, а донесени од законодавецот (Собранието) односно Министерството за правда. Оттука, директорот и Управата единствено можат да ги почитуваат и постапуваат по тие одредби и правила.

Затворот „Скопје“ е институција од која треба и извира ресоцијализација на затворениците. Тоа подразбира, почитување на нивните права кои им следуваат, а за сметка на тоа – тие да го подобрат/променат нивното однесување. Од друга страна, затворот е од полу-отворен односно отворен тип. Тоа значи – ниту еден затвореник не е ставен во четири ѕида, туку може слободно да се движи и да обавува работни обврски. Сите осуденици кои судот ги упатил на издржување затворска казна во затворот „Скопје“ не се како што велат одредени политички партии „тешки криминалци“ туку затвореници кои се осудени до три години затвор.

Во конкретниот случај со затвореникот А.А. кој се оддалечил од затворот, важно е да потенцираме дека тој не прескокнувал ѕидови, кршел врати или дека некој го пуштил да излезе. Станува збор за осуденик кој претходно користел слободни викенди и се враќал, лице кое имал примарно однесување и треба да издржи уште 5 месеци казна затвор. Тој обавувал работни обврски во рамките на затворот. Командирот на смена забележал дека го нема при пребројувањето – по што веднаш ја алармирал полицијата и по него се трага.

Од страна на затворот е постапено согласно законските рамки. Откако не се појавил во затворот, известена е полицијата која трага по затвореникот. По неговото пронаоѓање, тој ќе биде сместен во друг дел на затворот, бидејќи Правилникот налага, само во случаи кога одреден затвореник ќе ги прекрши правилата – тогаш да му бидат ускратени привилегии/права.

КПУ Затвор Скопје е установа од полуотворен вид каде затвор издржуваат примарни осудени лица со казна затвор од 3 години односно повтореници до 1 година. Во тој контекст сите осудени лица користат бројни погодности како што се домашно отсуство, годишни одмори и слободно движење надвор од установата, а се во насока за почести контакти со семејствата, како и други органи како што се агенција за вработување, центар за социјални работи и др.

Од кога постои оваа установа вакви настани кои се прикажуваат како бегства, кои ги нарекуваме „самоволно оддалечување од кругот на затворот“ – имало, а работиме за истите да не се повторуваат. Но сепак, тоа го правиме почитувајќи ги законите, а не со тортура во рамки на установата, која пак, да потсетиме – не е логор туку затвор каде треба осудените да се ресоцијализираат.

Ги замолуваме во иднина политичките партии да се воздржат од вакви квалификации од причина што се создава искривена перцепција во јавноста, а сето тоа е на штета на самите осудени лица, на установата, како и целиот систем.

Управата за извршување санкции исто така е известена за случајот. И оттаму е констатирано дека нема прекршување на законите и правилниците по кои се управува со установата.

По пронаоѓање на лицето, погодностите кои ги ужива ќе му бидат укинати – а како последица на неговото последно однесување со оддалечување од установата.