26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски и Пендаровски да не ги кријат и јавно да кажат кои странски агентури влијаат на односите со Бугарија

„Поданичкиот однос на Владата придонесе Македонија да биде понижувана од Бугарија. Виткањето ‘рбет е причина на барањата на Бугарија, кои секој ден се сè повеќе. Оваа власт трајно ги оштети македонските позиции и ја стави државата во подредена положба. Цела извршна власт со денови не може да одлучи дали некого прогласува или не персона нон грата и наместо реална реакција, само подгрева атмосфера, а потоа се повлекува“, соопштуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму порачуваат „Македонија не смее повеќе да биде ставана на позиција за поткусурување по потреба на Ковачевски и Османи“.

„Затоа бараме:

Прво, власта на Ковачевски и Пендаровски да не ги крие и јавно да ги каже што се тие агентурни мрежи и странски агенти, кои работат преку здруженија и фондации за поттикнување антимакедонски ставови. Второ, финансиските институции да го проверат финансирањето на некои од овие здруженија, како и потеклото на парите, бидејќи со овие здруженија се шири антимакедонска политика.

Трето, Владата да се заинтересира за дејствувањето, целта и за постоењето бугарско здружение во Корча, соседна Албанија, каде што во целата област живее мнозинско македонско население. Зошто досега не се побарани одговори за ова ниту од Еди Рама ниту од властите во Албанија, на кој начин дозволуваат да се негира постоењето на македонското национално малцинство во Албанија, кое што таму живее со векови.

Четврто, Владата досега нема ниту една посериозна реакција во однос на кое било отворено негирање на македонската нација, историја и јазик. Затоа постојат македонски институции и тие мора да се спротивстават на отворената кампања против Македонија.

Петто, бараме македонската Влада да побара доследно спроведување на пресудите добиени во судот за човекови права во Стразбур во насока на заштита и признавање на засебноста на Македонците во Бугарија, нивното право на здружување, нивното право на учество на избори, нивното право на образование на мајчин јазик, како и нивното право на национално определување како Македонци. Должност е на Македонија да се грижи со сета сила и аргументи за правото на сите Македонци каде и да се наоѓаат“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.