25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Сквадронот за обука и тренинг во Армијата прерасна во официјален НАТО центар за обука на воени пилоти за потребите на Алијансата

Армискиот Сквадрон за обука и тренинг, попознат како Центар за обука на пилоти, од денеска се приклучи на центрите за обука на пилоти во Чешка и во Италија, како официјален НАТО центар кој е дел од структурата за летачка обука на Алијансата во Европа. Со приклучувањето на овој Центар во НАТО структурата за летачка обука во Европа се потврди и фактот дека тој функционира согласно највисоките стандарди на Алијансата во доменот на обуката на пилоти на хеликоптери.

Истовремено со Центарот за обука на пилоти во Северна Македонија, дел од оваа НАТО структура станаа и два тренинг кампуса во Грција и во Унгарија.

Северна Македонија беше една од десетте сојузнички земји, која заедно со Белгија, Чешка, Грција, Унгарија, Италија, Црна Гора, Романија, Шпанија и Туркије ја лансираа иницијативата за создавање на НАТО структура за летачка обука во Европа, со што се потврди и посветеноста на нашата земја за придонес кон зацврстување на колективната одбрана и безбедност.

Целта на НАТО структура за летачка обука во Европа е изградба на комплетна пилотска тренинг – архитектура во Европа која ќе даде можност за сеопфатна обука на пилоти на борбени авиони, хеликоптери и дронови за потребите на Алијансата.