Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на денешната прес-конференција зборуваше за тоа што од Алијансата велат дека ВМРО-ДПМНЕ е нереформирана и дека Алијансата е за европски начин за однесување.
„Сигурно е европски Таравари да ја моли ВМРО-ДПМНЕ да гласа за него во Гостивар, тогаш ВМРО-ДПМНЕ беше реформирано. Кога Алијансата се потпиша за пад на Владата, Таравари се потпиша за ВМРО или против ДУИ? Европската идеја не е молење и уценување за функции и вработување членови на партија. А Таравари влегува во Владата во чие време се отселени пет пати повеќе луѓе отколку последните 20 години“, нагласи Стоилковски.
Тој додаде дека Таравари е смешен како се обидува да се оправда себе си, но и желбата за гола власт и функции, и што му текнало дека е за Европа и тој заедно со Артан, Бујар и редица други Европејци ќе нè внесуваат во Европа.
„Веруваме дека и самиот си се смее навечер на сопствените изјави и на лицемерството, кои се толку проѕирни што и од тој агол и Мендух Тачи би бил визионер“, истакна Стоилковски.