24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Костадиновска-Стојчевска: Јазикот е израз на нашиот идентитет

Во НУБ „Св. Климент Охридски“- Скопје, денеска, се одржа јавна дебата за предлог-законот за употребата на македонскиот јазик, кој е јавно достапен на Електронскиот национален регистар на прописите на Република Северна Македонија.

„Искрено верувам дека имаме квалитетен текст и очекувам денеска низ конструктивен дијалог да го дозаокружиме предлог-законот, што ќе ни овозможи натамошно процесирање и во форма на закон и негово конечно усвојување во Собранието“, рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Таа потсети дека во изминатиот период се продолжи со усовршување на предлог-законот за употребата на македонскиот јазик откако процесот беше запрен во 2020 година по јавната дебата, на која пристигнаа голем број забелешки, кои темелно беа разгледани и вметнати во оваа верзија на предлог-законот.

„Јазикот е нашиот темел, израз на нашиот идентитет. Затоа секој стручен влог во донесување на правната рамка за негова употреба, чување на неговите посебности, е драгоцен придонес за нас самите и за нашата државност“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека Законот за употребата на македонскиот јазик има квалитативно дополнување со моделот на заштита на јазикот, предвиден во Законот за заштита на културното наследство.

Нашата земја во функција на зголемување и подобрување на мерките за заштита на јазикот како дел од нематеријалното (духовното) културно наследство е потписничка и на Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство, донесена од УНЕСКО во Париз.

Во оваа насока, рече Костадиновска-Стојчевска, е и одлуката за прогласување за духовно културно наследство од особено значење од областа на јазикот на картотеките во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, кои се регистрирани како културно наследство екс леге (ex lege), а кои оваа Влада со посебен проект ги дигитализира и трајно ги заштити.