24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски за Политика: Европско парламентарно мнозинство ќе ја осигура европската иднина

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во интервјуто за најновиот број на српскиот дневен весник „Политика“ изрази очекување за натамошен напредок во европските интеграции, потсети дека мнозинството граѓани дадоа поддршка на проевропски политички субјекти кои составија проевропска Влада и сакаат мудро лидерство кое води напред, а не политичари кои мислат само на себе.

„Република Северна Македонија чекори по европскиот пат, во тек е билатералниот скрининг и јас оваа 2023 година очекувам нов исчекор во европските интеграции.

Ако ме прашувате на што го базирам очекувањето- ќе ви кажам – на определбата на големото мнозинство граѓани во државата за членство во Европската Унија.

Граѓаните даваат мандат и тие на последните парламенатрни избори дадоа доверба на проевропски политички субјекти, коишто составија проевропска Влада.

И оваа проевропска Влада ќе продолжи да работи според очекувањата и потребите на мнозинството граѓани, а тоа се европски начин на живот дома и интеграција на државата во ЕУ.

Верувам дека во нашата држава е можно да се постигне европско парламентарно мнозинство, кое што ќе осигура европска иднина на Република Северна Македонија, бидејки тоа е стратешка цел поставена од независноста на државата и шансите за членство во ЕУ никогаш не биле поголеми и пореални од денес.

Тоа, одговорните политичари, лидери и пратеници го препознаваат и ќе донесат разумни одлуки. Ние сме мултиетничка граѓанска држава и со тоа што ќе додадеме некоја етничка заедница во Уставот, хрватска, црногорска, бугарска или кој како и да се изјасни дека се чувствува, ништо не губиме, само добиваме.

Република Северна Македонија веќе е Европа во мало. Сега ја има шансата да биде и рамноправна членка на големото европско семејство. Граѓаните препознаваат кој работи за иднината на сите, а кој има намера да профитира на ситно за себе.

Во 21-от век , јасно е веќе, нема место за популисти. Граѓаните избираат храбро и мудро лидерство, кое ги носи напред“, изјави, меѓудругото, премиерот Ковачевски, во интервјуто за српскиот дневен весник „Политика“.