Со настан во НУ „Музеј на македонската борба“ – Скопје, утре (24 јануари), започнува серијата информативни сесии посветени на тековните повици на програмата „Креативна Европа“ – потпрограма Култура: „Проекти за соработка“ и „Циркулација на европски книжевни дела“ за 2023 година.
На настанот во Скопје ќе бидат презентирани: Повикот за категоријата „Проекти за соработка“ на програмата Креативна Европа (Култура) и Повикот за категоријата „Циркулација на европски книжевни дела“, додека пак Здружението за мултиетничко музичко образование „Рома Рок Скул“ – Скопје ќе го претстави проектот: „Музиката поврзува: Рок музиката поттикнува инклузија низ Европа“. Исто така, своите проекти ќе ги претстават и двата културни оператори: „Бата пресс милениум“ Д.О.О. и Друштвото за издавачка дејност „Сказнувалка“.
Сите заинтересирани на настанот ќе можат да направат и индивидуални консултации.
Серијата информативни сесии продолжува уште во четири градови и тоа: на 25 јануари во Велес, на 26 јануари во Tетово и Гостивар, а на 27 јануари ќе биде организиран информативен настан во Штип.
Организатори на информативните сесии се Министерството за култура (Одделение за Креативна Европа на ЕУ-потпрограма Култура) во соработка со Музејот на македонската борба, Театарот „Јордан Х.К.Џинот“-Велес, Центарот за култура „Иљо Антески – Смок“-Тетово, Центарот за култура „АСНОМ“-Гостивар и Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип, како и корисниците на програмата „Креативна Европа – потпрограма Култура“: Здружението за мултиетничко музичко образование „Рома Рок Скул“, „Бата прес милениум” Д.О.О. и Друштвото за издавачка дејност „Сказнувалка” од Скопје.