25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Владата има јасен план и визија на европеизација и трансформација на македонското општество, која ќе овозможи земјата да се движи по зацртаната траекторија кон ЕУ

Имавме динамична и година со многу предизвици и неизвесност, како дома така и на меѓународен план. НО, 2022 беше и успешна година. Година во која направивме историски исчекор во евроинтеграциите, ги започнавме преговорите со Европската унија и ја поставивме земјата на експресниот пат на реформи и трансформација, вели вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, на годишниот мултимедијален јавен настан на ЦИВИЛ – „Перспективи 2023“.

„Немавме право во време на турбуленции и безбедносни предизвици да ја ставаме под знак прашалник европска перспектива на земјата. Со Францускиот предлог и неговото усвојување од страна на парламентарното мнозинство, успеавме на европски начин, да најдеме решение за разликите и отворените прашања со Бугарија и после 17 години чекање официјално да го започнеме процесот на преговори со ЕУ“, вели Маричиќ.

Тој додава дека последниве години покажаа искрен и отворен пристап во спроведувањето на реформите.

„Цел изминат период бевме фокусирани на резултати во областа на правосудството, борбата против корупцијата, подобрувањето на слободата на медиумите и слободата на изразување. Застанавме одговорно пред овие прашања кои беа со забелешки и во Извештајот на Европската комисија за 2022 година и ги актуализиравме со цел поинтензивно да продолжат реформите и напредокот во најважните поглавја во преговорите со ЕУ“, вели тој.

Маричиќ нагласи дека добивањето позитивен годишен Извештај за 2022, ја потврди посветеноста на Владата на реформската агенда. Но, додава, дека мора сите да знаеме дека пред нас е еден сложен и тешок процес кој бара да биде поддржан од сите општествени чинители, особено од политичките фактори. Процес во кој имаме уште многу работа и уште многу задачи и обврски за исполнување и достигнување на европските стандарди и прописи.

Вицепремиерот за европски прашања вели дека веќе е потврден европскиот пат на Северна Македонија, и дека сега треба сите заедно да го задржиме стабилен. Тој додава дека за тоа ни е потребен сериозен политички консензус околу прашањето за иднината и правецот на движење на Северна Македонија во следните 10 години.

Тоа е темелот и предуслов за успешно заокружување на овој национален проект. Политичко обединување и гаранција дека нема да стагнира земјата и дека ќе продолжи да се движи по патот кој носи стабилност, просперитет, нови можности и кој гради уредена држава, во која има функционални демократски институции. Тоа е она што го бараат и сакаат граѓаните. Тоа е единствениот концепт кој носи извесност, реформи, неповратни фондови за развој на земјата и концепт во кој граѓаните веруваат“, истакна Маричиќ.

Тој потенцира дека ова ќе биде година која ќе им потврди на граѓаните кој е искрен во намерите за трансформација на македонското општество на подобро, а кој бега од промените кои ги носи процесот на преговори. Со почетокот на преговорите со ЕУ и фазата во која се наоѓаме на скринингот имаат позитивно влијание врз политичките процеси, реформската агенда, и генерално врз оптимизмот во општеството и на граѓаните, кои мора час поскоро да почнат да ги чувствуваат бенефитите од преговорите со ЕУ.

„До сега, на мое особено задоволство, скрининг процесот тече непречено, се одвива со одлична динамика, онака како што предвидовме со Европската комисија. Оваа пролет паралелно на скринингот треба да работиме и на изработката на Патоказите за Владеење на правото, Функционирањето на демократските институции и Реформата на јавната администрација, но и на успешно завршување на уставните измени пред завршувањето на скрининг процесот“, вели тој.

Вицепремиерот вели дека Владата има јасен план и визија на европеизација и трансформација на македонското општество, која ќе овозможи земјата да се движи по зацртаната траекторија кон ЕУ.

„Ова е време кога треба да ги надминеме тесно-партиските интереси, и да не дозволиме, после 17 години поминати во чекалната на ЕУ, да се однесуваме неодговорно и да се доведеме во ситуација домашен политички фактор да биде кочница и да ја блокира државата на патот кон ЕУ“, вели Маричиќ.

Тој додава дека само единство и обединување се условите кои обезбедуваат светла и извесна европска перспектива на државата и реална шанса 2030 Северна Македонија да биде членка на ЕУ.

„Очекувам околу исполнувањето на оваа стратешка цел секој еден да преземе одговорност и да даде свој придонес во процесот. Не за Владата, не за партијата, туку за државата и граѓаните“, вели тој.

Со тоа, потенцира Маричиќ, несомнено годинава за Северна Македонија ќе биде уште поуспешна од претходната и ќе ја завршиме со одржување на втората Меѓувладина конференција и отворање на првиот Кластер.

Д.М.

извор: Civilmedia.mk