ТАВ Македонија, аеродромскиот оператор на двата македонски аеродрома, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид објави дека бележи 70 проценти пораст во патничкиот сообраќај во 2022, споредено со 2021 година, додека споредено со референтната година во воздухопловството, 2019 година, патничкиот сообраќај е на -11 отсто, односно 89 проценти стапка на закрепнување согласно статистиката на патничкиот авиосообраќај за 2019 година.
Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, двата македонски аеродрома, ја завршија 2022 година со приближно 2,4 милиони патници или вкупно опслужени 2.371.423 патници и 19.448 летови.
По две исклучително тешки години за воздухопловната индустрија ширум светот и по почетокот на периодот на опоравување по пандемијата, кој особено започна во средината на 2022 година со летната сезона, силното зголемување на обемот на патничкиот воздушен сообраќај значи дека луѓето се уверени и подготвени да патуваат со авион и дека воздушниот сообраќај е на пат да го достигне нивото пред кризата.
„Ние како ТАВ сме навистина задоволни од закрепнувањето и резултатите на воздушниот сообраќај во 2022 година и за скопскиот и за охридскиот аеродром. Според бројките и статистиките, резултатите и динамиката на закрепнување на аеродромите управувани од ТАВ Македонија ги следат европските и светските стапки на закрепнување. Особено сме горди и среќни што закрепнувањето на македонскиот пазар на авиосообраќај оди дури и подалеку од прогнозата на Меѓународниот совет на аеродроми – ACI за глобалното движење на авиосообраќајот, чие оптимистичко сценарио предвидуваше дека глобалниот воздушен сообраќај во 2022 година ќе биде на ниво од -23%, а скопскиот и охридскиот аеродром ја завршија 2022 година со -11%, или со 89% од обемот на патници во 2019 година. Оттука, може да се заклучи дека ТАВ Македонија како аеродромски оператор ефикасно и успешно ја совладува и надминува кризата и нејзините последици, додека силен раст на патничкиот авиосообраќај и бројот на летовите би биле карактеристиките на изминатата 2022 година. – изјави Метин Батак, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Претставниците на аеродромскиот оператор веруваат дека овој позитивен тренд во закрепнувањето на патничкиот авиосообраќај ќе продолжи и во текот на 2023 година и дека прогнозите на ACI за европскиот аеродромски патнички сообраќај од -9% за 2023 година, во споредба со 2019 година, повторно ќе бидат надминати.
„Сигурни сме дека нивото на вложениот труд во секојдневното аеродромско работење и квалитетот на аеродромските услуги за нашите клиенти обезбедени од нашиот искусен, стручен и посветен персонал, како и одличната соработка со сите засегнати страни и властите во воздухопловството дополнително би биле причина аеродромите во Скопје и Охрид да го постигнат барем нивото на воздушниот сообраќај за 2019 година и да слават нови успеси и одлични резултати.“ – изјави Метин Батак, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Најфреквентни дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје според статистиката за патничкиот авиосообраќај на ТАВ Македонија, за 2022 година, јануари – декември, се Истанбул (двата аеродроми ИГА и Сабиха Гокчен со 13,1% пазарен удел), Базел Милуз (6,3%), Виена (6,2%), Цирих (6,2%), Анталија (4,2%), Дортмунд (4%), Минхен Меминген (4%) и Келн (3,1%).
Топ 5 земји со директни летови за 2022 година се Германија (24% пазарен удел); Турција (19,1%); Швајцарија (14,2%); Шведска (6,9%) и Австрија (6,2%).
Во однос на учеството на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај во 2022 година на скопскиот аеродром, Wizz Air има превезено најголем број патници во 2022 година (59,3% пазарен удел); потоа следат Turkish Airlines (11%); Pegasus Airlines (6,7%); Austrian Airlines (6,2%); Chair Airlines (4.9%).
На охридскиот аеродром, најфреквентна дестинација за патување за 2022 година е Виена (18% пазарен удел), потоа Базел (15,9%), Цирих (11,9%), Меминген (11%), Малме (10,8%), Фридрихсхафен (8,7%), Дортмунд (8,6%), Амстердам (8,3%), додека останатите дестинации се со пазарен удел од 1,2%.
Моментално и според зимскиот ред на летање, од Меѓународниот Аеродром Скопје, 11 авиокомпании (Air Serbia, Austrian Airlines, Croatia Airlines, Edelweiss, Chair Airlines, Pegasus Airlines, Turkish Airlines, LOT, Aegean, Wizz Air, Easyjet) сообраќаат до 36 дестинации, додека од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, 2 авиокомпании (Wizz Air, Chair Airlines) сообраќаат до 4 дестинации.