27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

(Видео) Костовски: Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ги задолжуваат општините и ги ставаат во заложништво на големите компании

Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во најголем дел од општините кои ги раководат, работат неодговорно, нефункционално, ги партизираат општините, ги покачуваат цените на услугите, ги задолжуваат граѓаните и општините ги ставаат во заложништво. Најнов пример е градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски, кој започна постапка за задолжување на општината со долгорочна денарска обврзница од 5,4 милиони евра, истакна на денешната прес-конференција, Мартин Костовски, пратеник на СДСМ.

Тој додаде дека Муцунски успеа за само една година, Аеродром од најбогата општина во државата, да ја претвори во општина која тоне во долгови, на која и е потребно задолжување. Исто така, не е јасно колкави ќе бидат каматите за задолжувањето и постои ризик сметката на општината да биде блокирана во следните 10 години.

Според Костовски, со ова задолжување ниту еден проблем во Аеродром не се решава трајно. Ниту недостатокот на градинки, ниту недостатокот на училишта, ниту недостатокот на паркинг простор, ниту потребата од развиена мрежа на улици и велосипедски патеки.

Како што истакна Костовски наместо развој и решавање на проблемите, аеродромци добиваат нов проблем – долг од 5,4 милиони евра кој ќе го враќаат во следните 10 години.

Тој додаде дека од овој месец, Општина Гевгелија, а од претходно и општините Прилеп, Охрид, Битола, Штип и Радовиш драстично ги зголемија цените на комуналните услуги со што дополнително удрираат врз стандардот на граѓаните.

Прекинати проекти, партизација и задолжување на општините и удар врз џебот на граѓаните, тоа е сработеното на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ во првата година од нивниот мандат.

Локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ е најнеспособната локална власт во историјата на државата, изјави Костовски.