24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Потребен е национален консензус, процесот на преговори не трпи импровизација

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска на тркалезната амбасадорска маса на тема: „Западен Балкан помеѓу Истокот и Западот-Северна Македонија земја членка во ЕУ до 2030 година?“, организирана од Советот на амбасадори во Скопје, изјави дека процесот на преговори со ЕУ не трпи импровизација и нема да може да се изведеме импровизираме, затоа е потребен национален консензус.

– Основното прашање е дали ќе постигнеме консензус за крупните прашања со соседите и дали ќе постигнеме консензус за поинаков начин на водење на политика, економија и институции. Овој процес нема да ни дозволи да импровизираме, сите наши слабости ќе излезат на површина. Прашањето е само каков одговор ние ќе дадеме на нашите слабости и како ние ќе се поставиме како држава кон нашите слабости, рече Маричиќ.

Прашањето е дали сакаме да се откажеме од монополите или не, дали сакаме навистина пазарна економија или не, дали сакаме отворени институции или не, дали сакаме губење на одредени ексклузивитети, дали сакаме прекинување на партиската преференци, но и на личните релации, непотизмот и други форми на доминација во институциите коишто не им се допаѓаат на повеќето граѓани.

Маричиќ побара реален консензус со одговор од сите политички чинители на прашањето: Дали сакаме Северна Македонија да стане членка на Европската Унија, не под условите под кои ние сме си замислиле, туку под условите коишто реално се на маса, бидејќи тоа важело за секоја држава во минатото.

– Вистинскиот национален консензус за ЕУ, кој за жал кај нас сè уште не е постигнат од сите политички актери, затоа што досега во најголем дел од времето бил само декларативен. Многу е едноставно сите да бидеме за Европска унија, но сега навистина е потребно да се покаже дека сите сме за Европската Унија.

Главниот преговарач со ЕУ тврди дека Северна Македонија освен ЕУ нема друга вистинска алтернатива и направи компарација со Хрватска, Словенија, Бугарија, Романија, и други држави членки на ЕУ било држава, како изгледале пред членството во ЕУ, а како изгледаат денес.

– Ниту една од нив не назадувала по ниту едно прашање. Сите имаат сериозен економски развој, сите имаат свои проблеми. Се разбира, нема ни нашите проблеми да исчезнат преку ноќ кога ќе станеме членка на ЕУ. Но, сите имаат рамка за развој коишто ги носи напред и којашто им овозможува напредок, и институционален, и економски, посочи Маричиќ.

Маричиќ во своето обраќање истакна дека европскиот концепт носи стабилност, просперитет и извесност, и тоа е концепт кој го сакаат граѓаните, наведувајќи дека поддршката за ЕУ не опаѓа заради тоа што граѓаните не сакаат да бидат во Европската Унија, туку дека опаѓа од други две причини.

– Прво заради недоволната динамика и разочараноста од динамиката на внатрешните реформи и движење, од една страна. Но, од друга страна и за недостижност на реалното членство заради недостатокот на перспектива понудена од Европската Унија, значи тоа се две страни на приказната. Затоа што не веруваат дека може да станеме членка во догледно време, заради ситуацијата во Европската Унија и заради тоа што трансформацијата, транзицијата, како сакате наречете, трае очигледно предолго, смета вицепремиерот.

Според Маричиќ важно е сите политички фактори да одговорат на прашањето дали сакаме после повеќе од триесет години независност да го промениме начинот на водење на политика, економија, дипломатија, институции.