Владата на ДУИ поддржана од СДСМ има чуден менталитет, практично, без никакви консултации, постигнува некакви национални предавства во четири очи и потоа тоа го претставува како победа, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Истакна дека до некаде ги разбира ДУИ и нејзиниот претседател Али Ахмети, но не може да ги разбере членовите на Владата од редовите на СДСМ, кои учествуваат во националните предавства и му ги наложуваат на македонскиот народ, но и на ВМРО-ДПМНЕ, кои воопшто не биле консултирани, да ги прифатат и сето ова однесување е спротивно на вредностите на Европската Унија, кои се поставени уште од нејзиното основање.
„Само оваа Влада на ДУИ поддржана од СДСМ. Ги разбирам некако и Али Ахмети и ДУИ, можам до некаде да ги разберам. Не можам да ги разберам овие од СДСМ кога ќе постигнат договор со национално предавство, пред се, тоа предавство тука се однесува за македонскиот национален идентитет, и потоа тоа го изедначуваат со триумф и бараат од ВМРО-ДПМНЕ, која воопшто не ни била консултирана, бараат од народот тоа да го прифати. Ако не го прифатите тоа, вие сте спротивно на ЕУ. Не! Самото тоа однесување е спротивно на вредностите на ЕУ дефинирани уште многу многу одамна од Дегаспери, Шуман и Аденауер, што сосема се разликуваат од ова однесување на Владата на ДУИ поддржана од СДСМ“, рече Мицкоски.
И сега, вели Мицкоски, вие кога ќе имате вакво однесување, се поставува прашањето како тогаш овие луѓе функционираат објаснувајќи дека така функционираат што го кочат развојот и градењето на Македонија, како што е гласањето против буџетите на општините Аеродром, Охрид, Велес и така натаму наспроти што поддржуваат сомнителни зделки, како доделување 10 милиони евра за ЈСП во доцните синоќешни часови изгласани во Советот на Град Скопје од страна на советниците на СДСМ, ДУИ и Левицата.
„Вчера, во доцните ноќни часови во градското собрание, коалицијата СДСМ – ДУИ и, замислете, против оние што тие ги навредуваа, Левицата, изгласаа одлука поголема од 10 милиони евра за Јавното сообраќајно претпријатие за цела година, некаде околу 650 милиони денари. А од друга страна, овие од Владата на ДУИ поддржана од СДСМ ја напаѓаа Левицата дека била антиевропска. Заедно изгласаа вчера. Потоа во Аеродром се гласаа буџет, проекти, градинки, училишта и така натаму, повторно коалицијата СДСМ – Левицата гласаа против буџетот. Во Охрид се гласаат градинки, булевари, нов пазар, катна гаража, повторно коалицијата СДСМ – Левицата гласа против. Велес се гласа за нов пазар, подземни гаражи и така натаму, повторно коалицијата СДСМ – Левица гласа против“, истакна Мицкоски.
Запраша што имаат против тие луѓе да се гради Македонија, што имаат против овие објекти, додавајќи дека нема да ги земат со нив овие објекти и дека сè што ќе се изгради преку општинските буџети, како градинки, училишта, улици, тротоари, ќе остане за македонските граѓани.
„Ете, тие се тие европски вредности што ги промовира Владата на ДУИ поддржана од СДСМ или неевропски вредности. И затоа е потребно ресетирање, затоа се потребни предвремени парламентарни избори за навистина да дојдат политичари што ќе промовираат вистински европски вредности. Вредности со дијалог, вредности што ќе обединуваат, транспарентност, отчетност. Тоа се вистинските европски вредности, борба против криминалот и корупцијата“, објасни Мицкоски.