25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Ја викнал на роденден другарката со која се дружел, ја нападнал со боксови, па ја силувал, а потоа ја запалил нејзината облека – Хорор ја потресе Македонија

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, осомничено за кривично дело – Силување од член 186 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, на 19 декември, со употреба на сила и сериозна закана дека непосредно ќе нападне врз нејзиниот живот и врз животот и телото на нејзините родители, ја присилил на обљуба оштетената со која другарувале и се познавале повеќе години наназад. Тие се договориле да се сретнат, бидејќи на осомничениот му бил роденден. Тој ја зел оштетената со автомобилот и ја однел кај тениското игралиште лоцирано кај поранешната касарна во Гевгелија, каде почнал да и зборува дека ја сака. Кога оштетената го одбила, станал агресивен, ја фатил со двете раце за вратот и започнал да ја дави од што оштетената изгубила свест. Кога се освестила, со возилото биле стигнати пред местото викано „Динќот“, па бидејќи осомничениот возел побавно, оштетената ја отворила вратата и побегнала надвор од возилото и почнала да бара помош.

Во близина немало никој, па осомничениот го запрел возилото, излегол надвор и кога ја стигнал почнал со боксови да ја удира по лицето во пределот на главата и очите. Од ударите оштетената повторно паднала во бессознание, по што осомничениот ја ставил во возилото и ја однел во викендица во селото Конско, сопственост на неговото семејство.

Бидејќи пружала отпор, почнал да и се заканува дека нема да излезе жива од таму, дека ако каже на некој ќе ги убие нејзините родители и нејзините другарки, а заканите ги изрекувал држејќи секира до него. Потоа извршил обљуба врз неа неколку пати, па ја запалил нејзината облека и телефон за да ги прикрие трагите. Ја натерал да му вети дека нема да го пријави, по што и дал друга облека од викендицата и ја оставил пред куќата во која живее.

Бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе се даде во бегство, ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоците и дека ќе го повтори или ќе го доврши кривичното дело, јавниот обвинител до Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор. Предлогот на обвинителството е прифатен и на лицето му е определен притвор во траење од 30 дена.​