26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

ЛИДЕРОТ НА ВМРО-ДПМНЕ ОСТРО КОН ЕУ: „Мицкоски сака да ја искористи разочараноста од Западот, за од позиција на нова власт да се врати на старата реторика“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа повторно упати порака во однос на евроинтеграциите на земјава. Тој го повтори и својот претходен став дека се потребни предвремени парламентарни избори. „Лажни ветувања наспроти националните отстапки на штета на идентитетот, потребни се предвремени парламентарни избори на кои македонските граѓани ќе имаат можност да се изјаснат и на кои, несомнено, ВМРО-ДПМНЕ убедливо ќе победи затоа што народот бара промени“, рече претседателот на опозицијата во гостувањето на МТВ.

За дел од експертската јавност сосема е неважно што мисли Мицкоски за Европската Унија. Политичкиот аналитичар Ненад Јовановиќ за „Локално“ вели дека Мицкоски, води партија која е радикална десница и оттука, неговите ставови од една страна се очекувани, а од друга воопшто не се релевантни.

-Не се релевантни затоа што Мицкоски не ја разбира Европа, самиот тој е конфузна појава во македонската политика: за Европа се информира од неговите партиски портали, од википедија или од опскурните фејсбук профили. Сакам да кажам, внимавајте добро: Мицкоски не работи за луѓето и „работите на луѓето кои им се преку глава“, не му е грижа ниту за Европската унија и нејзините ветувања, не му е грижа ниту за „националните отстапки на штета на идентитетот“, не му е грижа дури ниту за парламентарните избори, во конечноста, на Мицкоски единствено што му е грижа, а за тоа не треба да сте многу паментни па да откриете – како перманентно да ја растура Северна Македонија. А ја растура така што ја кочи, ја блокира и секојдневно создава атмосфера на страв, оценува Јовановиќ.

Според него, стравот, а не надежта, е најголемиот адут на Мицкоски.

-А знаеме добро до само пред пет години што правеа неговите со оваа земја. И тоа ви е секогаш така: проектот на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е расипан и поган, тоа е проект на растурање на земјата, и за тоа растурање вие секогаш ќе најдете оправдување и ќе предизвикувате страв, а за разлика од СДСМ, таа демократската левица, која води политика на надеж, десницата е политика на страв, порачува аналитичарот.

За анкетата на ИРИ и предноста на ВМРО-ДПМНЕ во однос на другите политички партии, Јовановиќ вели дека доколку ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, „нема концепт за иднината и дека ја презира иднината, поточно се плаши од неа“.

Мицкоски својата шанса ја бара во минатото, во историјата. Искрен да бидам, не верувам во анкети. На анкети не се верува. Па дури биле тие и американски. Анкета секаде и засекогаш е најдолното известување, најманипулативното известување/анкетирање/прашување. Секој што има некое искуство со избори знае: до затварање на гласачките кутии ништо не се знае. Другото е дување, пумпање и хистеризирање. Ама ете, за жал, повторно голтаме популистички приказни. Што значи, тешко учиме работи кои ни се сто пати до сега видени, слушнати, преживеани, а некако одново и одново ги повторуваме кога се работи за анкети, смета соговорникот.

Од друга страна, потенцира Јовановиќ дека СДСМ е најважна политичка партија и ‘рбет на ова општество.

-СДСМ е демократскиот баланс и прогресот во општеството, без разлика кој што мислел. Без СДСМ како јака и општествено најрелевантна политичка партија, оваа земја ќе влезе во авторитаризам и диктатура за нецели 6 месеци. СДСМ е силна и важна партија, таа е балансот лудилото да не’ преземе целосна контрола, ни истакна аналитичарот.

Мицкоски го поддржува ориентализмот, го поддржува истокот? , прашува Јовановиќ и вели дека „неверојатна конфузија се случува во неговата глава“.

-Од друга страна, гледате и сами: прави дефокус од настаните на Руската инвазија во Украина. Прави класичен спин, ги спомнува Турција и Кина. Се’ прави само да го избегне ставот за страдањето на Украинците. Тоа, ќе ми простите, не е лидер. Тоа е некој човек што работи не за македонските, туку за нечии други интереси. А таквите луѓе кои немаат став за сегашната војна на среде Европа, пласираат тези за Турција и Кина, моето скромно мислење е дека треба да бидат повикани на информативен разговор од соодветни служби во државата. Замислете сега: 30 години оваа земја има државен и национален интерес, а тоа е полноправна интеграција во Европската Унија; Мицкоски, на „пули очи“, ја заговара Турција и Кина? Мислам, ако тој човек има настинка, би го посоветувал да се консултира со доктор, ако пак е совршено здрав, а ја заговара Турција и Кина, тогаш тој човек ќе мора да одговори што мисли со тоа многу поконкретно. Ако, реков и погоре, воопшто нешто мисли за оваа земја. Но, јас се сомневам дека нешто мисли и се сомневам дека работи за македонските интереси. За чии интереси работи не знам, ама тие интереси за кои Мицкоски работи македонски интереси не се, категоричен е Јовановиќ.

Од друга страна, политичкиот аналитичар Бесим Небиу смета дека Мицкоски со ваквите изјави „сака да добие политички поени и подршка кај делот од гласачите кои се заситени и разочарани во ЕУ, а кој опфаќа и сегменти кои се надвор од традиционалните евро-скептични гласачи, односно луѓе кои порано силно верувале и ја подржувале европската агенда на Македонија“.

Анкетите покажуваат историски висока разочараност од Европската Унија и во однос на нашата ЕУ перпективата. Тој видлив, опиплив пад на вербата и ентузијазмот за ЕУ може да се констатира не само кај нас туку и во соседните земји. Поминавме низ две блокади (француската и бугарската, која беше посебно болна) а кои не чинеа 3-4 години и јавноста е заситена од декларациите на ЕУ лидерите, кои во пракса не носат никаков опиплив бенефит за граѓаните и се повеќе цени дека ЕУ не покажува суштинска и искрена посветеност кон евроинтеграциите во Западен Балкан, надвор од тие декларативни нивоа. Ова и самата ЕУ го знае, вели Небиу за „Локално“.

Според него, Мицкоски „игра на картата народот со добро око гледа кон Турција и Кина за да привлече гласови“.

-Велам тактика, затоа што сите опции освен евроинтеграциите не можат да бидат стратегиски за Македонија. Македонија и Западниот Балкан всушност и немаат стратегиски опции надвор од евроинтеграцииските! Тоа го знае и ВМРО-ДПМНЕ! Оттука, ценам дека е ова дел од предизборна реторика која, како што објаснив претходно има примарна цел на следнтите парламентрани избори да ја искористи разочараноста од Западот и ЕУ, за да потоа после изборите на кои има предност – од позиција на нова власт сепак се смири „топката“ и се направи еден „ресет“, односно враќање на старата реторика за незаменливоста на ЕУ, посочува Небиу.

Аналитичарот порачува и дека ваквиот политички дриблинг се разбира дека може на опозицијата да и се удри од глава.

-Доколку западот процени дека опозиционата реторика ги загрозува стратешките определби на земјата, па преземе мерки на дистанцирање и изолирање на опозиционата партија, заклучува Небиу.

Н.П.

извор Локално.мк