25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ГОЛЕМОТО НАЦИОНАЛНО СОБРАНИЕ НА ТУРКИЈЕ ШЕНТОП

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со претседателот на Големото национално собрание на Туркије, Мустафа Шентоп, кој претстојува во дводневна посета на земјава со група пратеници. На средбата присуствуваа потпретседателот на Собранието, Хусни Исмаили и генералната секретарка, Цветанка Иванова.
Претседателот Талат Џафери изрази задоволство од повторната посета на претседателот Мустафа Шентоп, која се совпаѓа со одбележувањето на 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик. Тој нагласи дека Република Северна Македонија и Република Туркије негуваат силно традиционално пријателство и партнерство, а билатералната соработка меѓу двете земји е динамична на сите нивоа и особено на парламентарно ниво. Џафери му го честита на Шентоп претстојното претседавање со Парламентарното собрание на Црноморската економска сораборотка – ПАБСЕК, што се совпаѓа со 30. Годишнината од формирањето на ова меѓународно собрание.
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија се осврна на и економската соработка меѓу двете земји, при што посочи дека Република Туркије постојано е меѓу нашите најзначајни трговски партнери и континуирано инвестира во македонската економија, а во таа насока особен придонес дава Стопанската комора на РСМ–РТ, МАТТО.
Џафери нагласи дека високо ја вреднуваме успешната соработка со Република Туркије во рамките на НАТО, а пред сè во областа на воената обука и едукација, донациите на опрема за потребите на нашата Армија, како и заедничкото учество во мировни операции.
Претседателот на Големото национално собрание на Туркије, Мустафа Шентоп, нагласи Република Северна Македонија е дека братска и пријателска земја и значаен партнер на Република Туркије, а на односите меѓу двете земји, кои се развиваат во мултидимензијални рамки, секогаш се посветува големо внимание. Тој се заложи за интензивирање на соработката на бројни полиња од заемен интерес во наредниот период, со подеднаква волја и искреност како и досега.
Претседателот Шентоп се осврна на плодната меѓупарламентарна соработка во повеќе домени и оцени дека е потребно продлабочување на меѓусебните консултации за регионалните и глобалните предизвици. Тој посака успех во интезивната агенда на Република Северна Македонија во рамките на претстојните претседавања со ОБСЕ и со Процесот на соработка во Југоисточна Европа, при што како особено значаен го оцени процесот на заокружување на институционализацијата на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, со формирање на меѓународен секретаријат.
Шентоп нагласи дека Република Туркије силно ја поддржува евроатланската интеграција на земјите од Балканот, а особено на Република Северна Македонија. Во таа насока, тој упати честитки за почетокот на преговорите за членство во ЕУ и изрази уверување дека земјава во разумен рок ќе стане членка на Унијата.
Тој истакна дека неговата посета на Република Северна Македонија е во рамките одбележувањето Денот на наставата на турски јазик и нагласи дека е особено значајно турската заедница во Република Северна Македонија да го ужива правото на образование на мајчин јазик.
Во врска со економската соработка меѓу двете земји, Шентоп изрази задоволство од зголемувањето на трговската размена и нагласи дека Туркије ги охрабрува турските стопанственици да инвестираат во Северна Македонија.
Соговорниците се осврнаа на потребата за ревидирање и надградба на билатералниот „Договор за слободна трговија“ меѓу двете земји, во насока на поголема либерализација на трговските производи, за што преговорите се во завршна фаза.
Џафери и Шентоп изразија уверување дека долгогодишното партнерство меѓу двете држави и позитивниот тренд во развојот на билатералните односи и соработката и натаму ќе се унапредуваат. Во таа насока, претседателот Џафери ја прифати поканата од претседателот Шентоп за реазлизирање на возвратна посета на Република Туркије.