“Формирањето на поткомитетот “НАТО и бизнис заедницата“ ќе им овозможи извонредна прилика на скоро сите наши компании да постигнат ниво на стандард кој е многу повисок заради пласманот на пазарите на европа и развиените земји” – истакна извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија, Антони Пешев на денешната средба со министерката за одбрана Славјанка Петровска како и претставниците на бизнис-секторот во Стопанската комора на Северна Македонија. Претседател на поткомитетот “НАТО и бизнис заедницата“ е Претседателот на СКСМ Бранко Азески, а во негово име обраќање имаше извршниот директор Антони Пешев.
На промотивниот настан свои обраќања имаа и министерката за одбрана, г-ѓа Славјанка Петровска и г-дин проф. д-р Марјан Ѓуровски, претседател на “МКД НАТО 2030“, како и претставници на компаниите веќе регистрирани во НАТО базата, кои споделија дел од своите искуствата со останатите компании и дадоа свои предлози и мислења.
Со формирањето на овој поткомитет се отвораат вратите за македонскиот бизнис сектор за креирање одржливи решенија и можности за македонската економија со што компаниите добиваат можност да учествуваат на набавките објавени за потребите на НАТО и земјите членки.
„НАТО не е само безбедност, туку и економска шанса. Со членството во НАТО се создаде една голема можност компаниите од нашата земја да учествуваат во нивните тендерски постапки и да понудат производи кои би можеле да ги испорачаат за потребите на НАТО алијансата. Се работи за еден значителен буџет, којшто се мери во милијарди евра“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната промотивна средба одржана во Комората. Таа истакна дека до сега постапка за регистрација за учество на НАТО јавните набавки имаат направено 23 компании, и ги охрабри и другите компании да ја искористат оваа можност, и со тоа заеднички да придонесеме за јакнење на економијата во државата.
Активностите на поткомитетот “НАТО и бизнис заедницата“ треба да овозможи конкретни мерки и активности, едукативи настани преку кој ќе се олесни и значително ќе се подобри пристапот на македонските компании на НАТО пазарот, сè со цел да придонесе кон подобрување на македонската економија. Професорот Марјан Ѓуровски, претседател на комитетот „МКД НАТО 2030“ истакна дека ова е одлична можност на компаниите за учество на тендерите на НАТО во делот на артикли и дејности како што се осигурување, набавка на облека, униформи, обувки, изградба и оплеменување на објекти, ИТ консултации, консултатнски услуги, лекови, медицински услуги за НАТО силите на Косово и др. Од страна на професор Ѓурвски беа образложени деталните активности на поткомитетот „НАТО и бизнис заедницата“.