23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

МТСП: Избрани новите проекти кои ќе добијат грантови за обезбедување услуги за социјално ранливите категории во 17 општини

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска присуствуваше на презентацијата на резултатите од вториот јавен повик за развој на социјални услуги на локално ниво, што го организираше Министерството за труд и социјална политика, во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги, подржан од Светска банка.

Избраните организации ќе обезбедуваат различен вид на услуги, особено за социјално ранливите категории граѓани кои живеат на територија на 17 општини, меѓу кои во градовите: Охрид, Прилеп, Гевгелија, Струмица, Гостивар, Пробиштип, Кратово, Крушево и Крива Паланка, како и во осум помали општини: Долнени, Кривогаштани, Богданци, Босилово, Врапчиште, Пласница, Центар Жупа и Арачиново.

Социјалните услуги што ќе им бидат овозможени на жителите од овие општини се однесуваат на: помош и нега во домот, обезбедување лична асистенција, како и организација на дневни центри за престој, а со нив се очекува да бидат опфатени околу 530 корисници на кои им е неопходна  помош и поддршка, како што се лица над 65 години, деца и возрасни со физичка или интелектуална попреченост, како и лица со намален функционален капацитет.

Истовремено, воспоставувањето на ваквите нови социјални услуги во споменатите општини креира можности за работно ангажирање и вработување на околу 150 лица, пред сè негуватели и останати стручни лица, кои пред да почнат со работа ќе поминат низ соодветни обуки и ќе добијат лиценци.

„Со овие нови проекти, заедно со оние од претходниот јавен повик за доделување грантови, обезбедуваме поддршка за  34 проекти преку кои се  создаваат услови за развој на социјални услуги кои може да опфатат околу 1300 корисници на локално ниво во вкупно 41 општинa. Oсобено ме радува фактот што близу половина од избраните општини се рурални средини што ја потврдува заложбата за достапност на услугите и во најодалечените места од нашата земја. Еднакво важен аспект од оваа активност е што преку нејзиното спроведување се креираат и нови работи места за над 400 лица стручен персонал кој ќе ги испорачува новите социјални услуги на граѓаните. Овие бројки се силен показател за успешноста на овој Проект“, изјави Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, при денешното потпишување на договорите за доделување грантови со присутните градоначалници на општините чии проекти за социјални услуги беа избрани на вториот јавен повик.

„Самата суштина на социјалната реформа која ја започнавме во 2019 година е приближувањето на услугите до граѓаните, децентрализацијата, вложувањето во човечкиот капитал, односно поставување на граѓанинот во центарот на системот. Социјалната реформа има двојни придобивки, едниот аспект е приближување на услугите до граѓаните, а вториот аспект е отворањето на нови работни места за граѓаните кои се во социјален ризик“, потенцираше министерката Тренчевска.

Зборувајќи во името на општините, градоначалниците на Пласница и Крушево ја поздравија поддршката што ја обезбедува државата преку ресорното министерство и Проектот за  подобрување на социјалните услуги, а која им овозможува и на помалите рурални општини кои располагаат со ограничени финансиски средства, да развијат нови социјални услуги во партнерство со  организации – даватели на услуги, кои ќе им се дадат на граѓаните, особено од социјално ранливите категории кои живеат во овие општини.

 Со вториот јавен повик за доделување на грантови, општините   учествуваат со значителни финансиски средства и други ресурси кои придонесуваат кон создавање на сериозен партнерски однос и квалитетна реализација на проектите.

 Дополнителен придонес кон развој на социјалните услуги е исполнувањето на законската обврска на општините за формирање  совети за социјална заштита и   изготвени и усвоени планови кои  овозможуваат подобро мапирање на реалните потреби на локална заедница во областа на социјална заштита, како и подобро планирање и реализација на активностите за развој на социјални услуги на локално ниво.

Токму децентрализацијата, која се остварува преку активно вклучување на општините во процесот на креирање и обезбедување социјални услуги, е еден од четирите постулати на кои се темели социјалната реформа што ја спроведува Министерството за труд и социјална политика.