24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: СДС со Данела Арсовска, Левицата и ДУИ е главниот продуцент на хаосот во Скопје

Коалицијата на СДС со Данела Арсовска, Левицата и ДУИ е главниот продуцент на хаосот што му се случува на град Скопје. СДС и ДУИ, кои поинаку и не знаат да работат, под своја контрола си ја зедоа Арсовска, а на помош им дојде и Левицата во урнисувањето и безредието во Скопје, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

„Нула работа и куп стопирани проекти, долгови и матни тендер-зделки е сликата што ја создава оваа крими-коалиција, а за жал, сето тоа оди на штета на скопјани, но и на целата држава.

Наместо реализација на ветувањата и проекти за подобар град, скопјани на товар добија криминални тендери договарани на тајните средби на Тачела-коалицијата. А дека функционира оваа коалиција, јавноста се увери кога Ковачевски јавно застана во одбрана на Арсовска синхронизирано користејќи ги истите нејзини тези. Додека, пак, Ковачевски е нападнат, Арсовска излегува со лаги за дефокус на јавноста.

Наместо бесплатен превоз, скопјани добија сè поретки автобуси, но затоа Арсовска и Ковачевски си договорија криминален договор за набавка на нафта од неколку милиони евра, без рабат и со попуст, какви имале сите претходно договори. А покрај тоа, се трошат и милионски суми за консултантски услуги.

Од овој колач се офајдуваат и ДУИ и Левицата, кои им помагаат во нефункционирањето на градот и кои глумат дека стојат на страна, а всушност се дел од коалицијата што го создава хаосот. Левицата и ДУИ ништо не прават за доброто на градот, напротив, помагаат тој да се уништува.

Доказ за оваа коалиција се и директорските места што ги споделуваат заедно со ГРОМ.

Директор на ЈП ‘Паркови и зеленило’ е Зухјер Реџепи од ДУИ.

Директор на ЈП ‘Улици и патишта’ е Саид Саид од ДУИ.

Директор на Градската библиотека ‘Браќа Миладиновци’ е Снежана Стојчевска од Левицата.

Директор на КИЦ е Антонио Димитров од Левицата.

Директор на Музејот на Град Скопје е Панче Велков од Левицата.

Заменик-директор на ‘Градски паркинзи’ е Сенада Ибраимова од Левицата.

Директор на ‘Градски паркинзи’ е Крсте Петровски, инаку генерален секретар на ГРОМ, а заменик-градоначалник е Александар Трајановски, исто така од ГРОМ.

Додека директор на ЈСП е Александар Стојковски од СДС, партијата што има целосна контрола над Арсовска и Градот.

Ова се кадрите со кои Арсовска го создава хаосот, а впрочем доведена е во прашање и нејзината деловна способност. Наместо деструкција, кочење, матни тендери, најдобро е Арсовска да си даде оставка за да дојде градоначалник што ќе го извади Скопје од бездната во кој Тачела-коалицијата го втурна“, порачаа од опозициската партија.