24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Ел Салвадор

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Ел Салвадор за Република Северна Македонија, Eктор Енрике Хаиме Калдерон, со седиште во Анкара.

На свечената церемонија на предавање на акредитивните писма, претседателот Пендаровски изрази очекување дека двете држави во периодот што следи ќе ги интензивираат контактите со цел изнаоѓањето на нови форми за унапредување на меѓусебните односи, како на билатерален, така и на мултилатерален план.

„Република Северна Македонија, како активен чинител во меѓународните односи, посветува особено внимание на развојот на односите со државите од Централна и Јужна Америка – регион со исклучително големи можности и значителни развојни перспективи“, посочи во обраќањето претседателот Пендаровски.

Амбасадорот Калдерон истакна дека Ел Салвадор е отворен за блиска соработка со Република Северна Македонија, во корист на нашите заеднички интереси и просперитетот на нашите народи, преку зајакнување на дипломатските, економските, трговските и културните врски.

„Уверени сме дека нашите односи ќе продолжат да се зајакнуваат со текот на времето и дека нашите заложби за развој ќе ни овозможат да ги здружиме напорите со цел постигнување на заемно корисни резултати за нашите нации“, посочи новоименуваниот амбасадор во обраќањето.
Република Северна Македонија и Република Ел Салвадор воспоставија дипломатски односи во 1996 година.