Ковачевски, но и СДС и ДУИ, не треба да изигруваат изненадени од состојбите во правосудството затоа што тие им кумуваа на сите процеси што доведоа до урнисување. Ковачевски и СДС до крај го расцветаа судството по истиот принцип како што почна Заев, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
„Состојбите ескалираа во последните неколку месеци во кои се случија низа скандали што кулминираа со судска одлука за која сега Ковачевски и неговиот ортаци леат крокодилски солзи.
Прво, пред еден и пол месец се случи скандалозниот избор на нов шеф за Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, при што беше избран обвинител за кој два дена не можеа ни фотографија да му најдат, а не, пак, некоја позначајна обвинителска работа. Впрочем, за овој случај негативно се произнесе и самата американска амбасадорка, но и други дипломати, чии земји инвестирале милиони од средствата на нивните даночни обврзници за да се изградат институционални капацитети во Македонија. Кога конечно најдоа фотографии од новиот шеф на ЈОГОКК, се утврди дека се фотографирал со половина врв на ДУИ. Ковачевски се обиде да го забошоти ова.
Второ, потоа следуваше изненадувачката оставка на претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, која обвини дека во Македонија владее бизнис-судска елита. Власта на Ковачевски и ова се обиде да го забошоти.
Трето, изборот за наследник на Црвенковска во Судскиот совет беше уште поскандалозен, односно беше избран нов претседател од фотоалбумот на СДС. Избрана беше Весна Дамева, партиски активист на СДС, која од судски приправник дојде до врвната позиција, која ќе оценува, именува и разрешува судии, иако самата нема ни ден стаж како судија. Власта и Ковачевски и ова го премолчеа.
Четврто, избувна скандалот со начинот на кој синот на Талат Џафери го положил правосудниот испит, без да има завршено соодветно образование за тоа. Овој скандал извади на виделина над 400 вакви случаи за прекршување на нормите и правилата и Ковачевски и влсата премолчеа колку од ваквите правници денес се на функција во правосудството.
Петто, очигледен е башибозукот што владее во Академијата за судии и обвинители, во која не се знае кое функционерско дете како се запишало, ама се знае дека набргу ќе заврши и ќе се вгнезди во гнилиот правосуден систем. Оваа Академија ја води кадар предложен на СДС и затоа Ковачевски не може да се прави паднат од Марс за состојбите во правосудството.
Шесто, поразителен е податокот дека само 20 % од зацртаната годишна стратегија за борба против корупцијата е реализирано од страна на институциите. Тоа покажува дека власта на Ковачевски нема волја да се справува со корупцијата затоа што самите се извор на криминал и коруптивни зделки.
Седмо, дојде американски тим за гонење корупција како резултат на неспособноста на домашните институции предводени од СДС и ДУИ. Тоа предизвика паника во нивните редови и почнаа самите меѓу себе да се обвинуваат кој колку не сработил. Нуспроизвод од тоа е и признанието на СДС дека Јовески бил некадарен и не заслужува да биде уставен судија, иако буквално до вчера инсистираа за негов избор. И ова Ковачевски и власта се обидуваат да се забошоти“, велат од партијата.
Ковачевски не само што има одговорност за состојбите во правосудството туку за тоа и ќе одговара пред народот, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Сите обиди за партизација и инструментализација на правосудството им се вратија како бумеранг. Ковачевски нека не се прави наивен и невин што се чуди за состојбите и одлуките во правосудството, туку треба да знае дека сето тоа е резултат на нивната партизација и политика на расцветување на судовите и обвинителствата. Тоа што СДС го дробеше сега се срка“, порачаа од опозициската партија.