Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска во Виена учествуваше на 20. министерски состанок на Енергетската заедница.
Со состанокот претседаваше Јарослав Демченков, заменик-министер за енергетика на Украина како земја претседавач со Енергетската заедница, а свое обраќање имаа и Герман Галушченко, министер за енергетика на Украина преку онлајн-врска, и Кадри Симсон, еврокомесар за енергетика на Европската Унија.
На состанокот имаше дискусија за повеќе теми од енергетиката, кои се опфатени со договорот за основање на Енергетската заедница.
Главен фокус на разговор помеѓу министрите за енергетика беше енергетската криза, војната во Украина, безбедност во снабдувањето со енергенти, новото законодавство во енергетскиот сектор, како и остварувањето на климатските цели.
На министерскиот состанок беа усвоени измените на пакетот за чиста енергија, во која се содржани таргетите на секоја држава во согласност со нивните национални планови.
Беше усвоен и годишниот извештај за имплементација, каде што беше нотиран напредокот на Северна Македонија во реформите во енергетскиот сектор.
Министерот Бектеши на состанокот информира дека и покрај енергетската криза, Владата паралелно активно работи на енергетска транзиција во зелена енергија, односно на искористување на сонцето, ветерот и водата за постепено менување на производството на електрична енергија од јаглен кон производство на електрична енергија од обновливи извори.
Министерот потенцира дека еден од најзначајните сектори за развој на економијата, а приоритетите на Владата се обезбедувањето сигурно снабдување со енергија, економски раст и придвижување кон зелена економија.
Министерот Бектеши во своето обраќање даде целосна поддршка за Украина, која е земја членка на Енергетската заедница.
„Северна Македонија целосно ги поддржа санкциите на Европската Унија против Русија и ќе ги поддржи сите санкции кои ќе бидат преземени во иднина. Ние како држава даваме целосна поддршка за Украина и воено и финансиски“, рече министерот Бектеши.
За следна земја претседавач со Енергетската заедница во 2023 година беше избрана Албанија.