25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(ВИДЕО) Интервју со Деспотовски: 2022-та рекордна во историјата на ТИРЗ во странски инвестиции и нови вработувања

450 милиони евра изнесуваат Директните странски инвестиции (ДСИ) само оваа година, вели директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски во интервју за Фронтлајн, „или повеќе од двојно споредено со лани“.

Со тоа 2022 е најдобра во историјата на постоењето на Слободните трговски зони, вели Деспотовски. Оваа сума од 450 милиони евра постигнати за една година, е половината од сè што е остварено за цела една декада од работата на зоните.

При тоа, нагласува Деспотовски, претежно неколку компании со своите големи инвестиции се конституенти на главницата од 450 милиони евра ДСИ.

Од нив една е компанијата Е.ГО со концептот на електрични возила во тетовската индустриска зона, која носи некаде 130 милиони евра, потоа германскиот фармацевтски гигант Гересахајмер со 200 милиони евра со двете фази, и ако ги сметаме и грчкиот Митилинеос со 200 милиони, кој стана и стратешки инвеститор, издвојува Деспотовски.

„Но можам ексклузивно да најавам дека имаме предвид уште две големи компании со кои се преговара. Една од нив е американско-тајванска компанија која ќе тежи исто така околу 200 милиони. Дополнително разговараме со еден голем јапонски бренд кој исто така тежи 200 милиони евра, но тие својата одлука треба да ја донесат на почетокот на идната година. Сепак таму сме во конкуренција со повеќе држави од централна и источна Европа“ вели Деспотовски во интервјуто за Фронтлајн.

Компаративно гледано во однос на регионот, според директорот на зоните, можеме да се натпреваруваме само со Србија, додека во однос на останатите ние сме далеку пред нив или пак е неспоредливо во начинот на кои ние функционираме.

За Деспотовски уште поважни од средствата што компаниите ги вложуваат во зоните се вработувањата.

„Во однос пак на вработувањата, за неполна година реализирани се 2.500 нови работни места што е пораст од 18 проценти. Или 3.500 за две години што е значително остварување.

За прв пат просечната плата во зоните е поголема од просечната во земјата и очекувам тој раст да продолжи. Ние уште на почетокот кога ја преземавме работата во зоните рековме дека синтагмата „евтина работна сила како мамка за привлекување странски инвестиции“ ја бришеме од кампањата“, потсетува Јован Деспотовски.

Тој нагласува дека она што е ново, е што еден од условите кои им се поставува на странските инвеститори е при градбата на објектите да користат домашни изведувачи или добавувачи на материјали.

„Од регионот на југоисточна Европа најмногу инвестиции доаѓаат од Грција и една од придобивките е постигнатиот Преспански договор. Во прилог на ова е интересот искажан од компанијата Митиленеос, која е активна во областа на енергетиката и која неодамна доби статус на стратешки инвеститор од страна на Владата, како што претходно беше речено, станува збор за сериозно голема инвестиција која ќе придонесе во сегментот на производство на електрична енергија, што е многу важно во овој период на енергетска криза“, вели Деспотовски.

Освен Грција, Деспотовки ја издвојува и Турција и инвестицијата на компанијата Техно панел во ТИРЗ Скопје, која неодамна беше промовирана.

Љубиша Николовски

Камера и фото: Дехран Муратов

Монтажа: Ариан Мехмети

извор: Civilmedia.mk