Спасовски: Одличната соработка и партнерството продолжуваат, вредна германска донација за квалитативно зголемување на капацитетите на граничната полиција
„Ми претставува особено задоволство што со денешнава донација на возила и техничка опрема од Сојузното Министерство за внатрешни работи и татковина на Сојузна Република Германија, а во присуство на амбасадорката г-ѓа Анке Холштајн, уште еднаш го потврдуваме партнерството и поддршката на Владата на Сојузна Република Германија за Република Северна Македонија, особено во зајакнувањето на техничките и материјални капацитети на патот кон евро-атлантските интеграции.“, истакна министерот Спасовски на денешното примопредавање на донацијата од возила и опрема од Амбасадата на Сојузна Република Германија, вредна 360.000 илјади евра наменета за Одделот на гранични работи и миграција при Бирото за јавна безбедност на МВР на Република Северна Македонија, обезбедени од страна на Канцеларијата за врски на германската Сојузна полиција при Амбасадата на Сојузна Република Германија .
Пред платото на МВР каде беше предадена донацијата министерот Спасовски потенцираше дека целокупната донација која се состои од теренски и патнички возила, специјални комбиња и теренски четирицикли ќе најдат свое место во секојдневното оперативно функционирање на полициските организациони единици и ќе придонесе за уште поефикасно работење и повеќе успешни реализации на полицијата.
„Со ова дополнително ќе ги зајакнеме капацитетите при вршење граничен надзор, транспорт и дистрибуција на техничка опрема и потрошни материјали до Регионалните центри за гранични работи, како и до полициските станици за гранични проверки и граничен надзор, како и при вршење активности во насока на сузбивање на прекуграничен криминал и криумчарење на мигранти. Во моментов, во процес на реализација е набавка во вредност од околу 115 илјади евра на уште 23 термовизиски камери, а во текот на овој месец дополнително ќе се реализира и донација на околу 300 парчиња канцелариски мебел за потребите на Центарот за обука на МВР во Идризово.“, прецизираше Спасовски за начинот на користење на опремата и следните планови во соработката со нашиот пријател Сојузна Република Германија.
Тој на крај уште еднаш упати голема благодарност за искрената подготвеност за натамошна соработка и поддршка и продлабочување на билатералните односи и квалитативното надградување на капацитетите на МВР на Република Северна Македонија.
Амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјава, Н. Е. Анке Холштајн меѓудругото рече дека оваа поддршка се надоврзува на мерките од минатите години и со неа се искажува почит кон одличната соработа со МВР и поттик за продолжување на доброто извршување на работата како и досега, со подобрена техничка опрема.
„Во однос на нашата одлична соработка, особено ми е драго што денеска имам можност одново да Ви предадам нова донација во вид на опрема. Овој пат станува збор за четири теренски возила, две специјални товарни возила, две патнички патролни возила, четири теренски четвороцикли, две патнички цивилни возила, термовизиски камери, батериски ламби, уреди за напредна проверка на документи и друго со вкупна вредност од триста шеесет илјади евра. Дополнително, Центарот за обука на МВР во Идризово ќе добие триста парчиња мебел од Штутгарт“, потенцираше амбасадорката Холштајн.
Амбасадорката Холштајн потсети за минатонеделната посета на претседателот на Сојузна Република Германија Франк-Валтер Штајнмаер во кој тој оддаде признание на патот на земјава кон ЕУ, ја искажа својата почит кон македонските јазик и култура, почитта за јасното надворешно-политичко позиционирање на Северна Македонија и секако увери дека Германија и понатаму сеопфатно ќе ја поддржува Северна Македонија во пристапниот процес кон ЕУ.