24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Ковачевски и Бесими: Буџетот за 2023 година – Стабилност, сигурност, одговор на предизвиците и основа за развој

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими денеска, на заедничка прес-конференција, го претставија Предлог-буџетот за 2023 година, оценувајќи го како буџет за сигурност, стабилност, кој ќе одговори на кризата и постави основи за понатамошен економски раст.

„Предлог-буџетот за 2023 година е основата за нашата визија за стабилна, економски просперитетна и напредна Република Северна Македонија, идна земја членка на ЕУ. Изминативе 10 месеци вложивме огромни напори и успеавме да ја заштитиме македонската економија и животниот стандард, но сега е време да мислиме за тоа како да одиме напред и како да направиме подобро“, рече премиерот Ковачевски.

Тој додаде дека неговите заложби како премиер и на Владата е да обезбедат сигурност, подобра иднина и просперитет за сите граѓани во ова држава, да се стремат кон европските услови и начин на живот затоа што граѓаните заслужуваат да го имаат она што го имаат и граѓаните на ЕУ.

Премиерот Ковачевски посочи дека со буџетот во 2023 година се обезбедуваат 250 милиони евра средства за антикризни мерки, 120 милиони евра повеќе за пензионерите, 57,5 милиони евра повеќе за општините, 63 милиони евра повеќе за здравствени услуги, а она што е главна карактеристика дека се проектирани 800 милиони евра за капитални расходи, за коишто истакна дека ќе се заложи да имаат висока реализација.

Министерот за финансии потенцира дека ова е првиот буџет подготвен согласно новиот Закон за буџети, како и дека се менува неговата структура со поголемо учество на капиталните инвестиции во буџетот.

„Ова е развоен буџет, со оглед на тоа дека капиталните инвестиции се повисоки од буџетскиот дефицит“, посочи министерот Бесими и истакна дека средствата од буџетот се насочуваат онаму каде даваат најголем ефект за остварување на економски цели за забрзан раст и развој. „Тоа ќе се контролира со воведените индикатори и политики за мерење на резултатите од нивната примена“, рече министерот за финансии.

Министерот посочи и дека во предлогот се намалуваат непродуктивните трошења, како за дневници за службени патувања, за возила и слично, согласно Планот за фискална одржливост, а во насока на фискалната консолидација.

„Се намалуваат непродуктивните трошења, како ставките за дневници за службени патувања, за возила и други непродуктивни трошоци. Предвиден е раст од 5 % за плати каде е вклучен ефектот од зголемувањето на минималната плата, а кај стоките и услугите е предвиден раст од 2 % за зголемените трошоци за електрична енергија и енергенси зарад порастот на цената“, рече Бесими.

Ова е прва прес-конференција од низата планирани со поединечните министерствата во правец на транспарентно претставување на буџетите. Тие имаат за цел подетално во јавноста да информираат за одделните ставки и проекти во буџетот согласно заложбите за фискална транспарентност и отчетност на Владата.