23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАЛОКАЛНО

Позитивни реакции за мерката на МЗШВ „Здрава ужинка за секој ученик“: „Ваков убав потег одамна ме нема восхитено“

Од основните училишта во општините Центар и Шуто Оризари, вчера започна дистрибуцијата на нашите домашни македонски јаболка, во рамки на проектот „Здрава ужинка за секој ученик“, кој Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го реализира преку програмата за откуп на свежо овошје, зеленчук, млеко и млечни производи.

МЗШВ обезбедува здрава ужинка за сите ученици во сите основни училишта низ државата, односно 186.000 ученици во 350 основни училишта.

Реакциите за оваа нова мерка се позитивни и граѓаните ја поздравуваат и велат дека треба почесто да се спроведуваат вакви иницијативи, особено што на овој начин позитивно се влијае на здравјето на најмладите.

„Пријатно сум изненадена и ја поздравувам иницијативата на Министерството за земјоделство. Се надевам дека и во иднина ќе се продолжи со вакви акции кои се пред сè од големо значење за нашите деца и за нивното здравје.“, изјави за Агротим родителка од основното училиште „11 Октомври“ од скопската оштина Центар.

„На учениците од ОУ „Гоце Делчев“ некој денеска им донирал по едно пакетче јаболка. Не знам кој е, ама ваков убав потег одамна ме нема восхитено. Секоја чест за донаторот, да му се врати дупло. Одржал час и лекција за хуманост, попрактична и повоспитна не може да биде… Непрскани и измиени, уредно спакувани. На здравје и на децата и на дарителот…“, стои во објава на Фејсбук.

„Вчера беше направена дистрибуција низ општина Центар и Шуто Оризари на повеќе од 200 тони јаболка, а денес веќе продолжуваме низ другите општини во градот и државата.“, изјави министерот Николовски.

Оваа година со програмата се започнува само со јаболка, а од Министерството најавуваат дека веќе до година ќе бидат опфатени и други производи, но и покрај училиштата ќе бидат опфатени и здравствените објекти и детски градинки.

извор: Agrotim