23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

ЕСМ: Ако некој има сознанија за фирма што продава струја, а не ја наплаќа авансно, да ја пријави

АД ЕСМ е производител на електрична енергија и со сопствената произведена енергија го снабдува „ЕВН хоме“ за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи. Снабдувањето се врши 100-процентно по задолжение добиено од Владата наместо 60 % како што е по законот, а сè со цел да се обезбеди електрична енергија по пониска цена и да се спречи енормен раст на крајната цена за домаќинствата, велат од компанијата.

„’ЕСМ – продажба’ ДООЕЛ е фирма ќерка на АД ЕСМ, која врши набавки и продажби на електрична енергија за дополнителните снабдувања по одлуки на Владата, односно субвенционирано снабдувања за три категории субјекти: училишта, прехранбена индустрија и водостопанства, како и за техничките потреби на мрежите на ‘Електродистрибуција’ и МЕПСО за да не дојде до покачување на крајната цена на струјата за граѓаните.

По препорака од Владата, ‘ЕСМ – продажба’ снабдува и одреден број витални објекти, како болници, клиники, детски градински и субјекти од државно значење по берзански цени, но со помала маржа во однос на другите понудувачи, со што обезбедува поповолни услови и за оваа категорија потрошувачи, додека истовремено остварува профит од тргувањето.

Во однос на начинот на плаќање на електричната енергија при нејзина набавка, таа секогаш се плаќа авансно и наведениот начин се користел и во времето кога имало други раководни структури во АД ЕСМ“, појаснуваат од ЕСМ.

Доколку кој било субјект има сознанија за фирма што продава електрична енергија, а не ја наплаќа авансно, од компанијата го повикуваат да ја препорача до „ЕСМ – продажба“. Како што наведуваат од ЕСМ, таа не би требало да биде од рангот на досега препорачаните непостојни и фантом-фирми за снабдување со гас и мазут.