23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Тренчевска: Социјална реформа на дело – проширен капацитетот на градинката во Крива Паланка за нови 102 дечиња

Ефектите од социјалната реформа што ја спроведува Владата на Република Северна Македонија преку Министерството за труд и социјална политика достапни за младите семејства од општина Крива Паланка.

При проширувањето на капацитетите на градинката „Детелинка“, со новиот објект „Поточиња“, се создадоа дополнителни 102 места за згрижување дечиња од предучилишна возраст, со што значително се прошируваат капацитетите за оваа социјална услуга во општината.

Постојниот објект на градинката „Детелинка“ во Крива Паланка преку надградбата доби пет нови занимални, од кои една е наменета за деца до двегодишна возраст, а другите четири се за хетерогени групи на деца на возраст од две до шест години. При изведбата на градежните зафати користени се современи градежни материјали, кои овозможуваат висока енергетска ефикасност на објектот.

Во надградбата на објектот инвестирани се речиси 27 милиони денари, од кои повеќе од 22 милиона денари се вложени во градежните работи, а околу 4,7 милиони денари во набавка на мебел и опрема.

На свеченото отворање на градинката присуствуваа министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, градоначалникот на општина Крива Паланка, Сашко Митовски, директорката на ЈОУДГ „Детелинка“, Мирка Јакимовска, вработени, родители и граѓани од оваа општина.

Министерката Тренчевска истакна дека „нема поголемо задоволство за мене кога ги гледам плодовите од напорната работа, како и заедничката соработка со општините. Особено ми е драго кога станува збор за инвестиции во предучилишното образование и унапредување и зголемување на капацитетите на градинките. Ние како Министерство и Влада целосно сме посветени на решавање на горливите прашања на родителите за згрижување на своите деца и оттука наша обврска е да инвестираме токму на тоа поле. Затоа, денеска со голема чест и задоволство сум тука за отворањето на градинката, која е особено значајна за локалната заедница. Со надградбата на стариот објект, кој е граден во далечната 1973 година, го зголемуваме нејзиниот капацитетот и се подобруваат условите за престој на дечињата. Истовремено, преку овие активности директно придонесуваме кон решавање на проблемот со листите на чекање во оваа општина“.