28. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски од Тетово: Европскиот пат носи отворање на фондови, можности за образование, за бизнисите и за земјоделството

По 17 години во чекалницата на ЕУ, по 17 изгубени години, денес сосема заслужено водиме преговори за членство во ЕУ и тие преговори ги водиме на македонски јазик. И придобивките од напредокот во евроинтеграциите почнаа да се гледаат, добивме финансиска поддршка од ЕУ, 80 милиони евра во првата транша, а секако следуваат и отворање на нови фондови, на нови можности за македонското образование, бизнис, земјоделство…“ рече премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски од граѓанската трибина во Тетово.
Тој додаде сепак за продолжување на европскиот пат потребни се уставните измени кои ќе се најдат во Собранието и рече дека очекува државничко однесување од пратениците.

„Верувам, уверен сум, дека тие ќе бидат на ниво на задачата и ќе донесат одлука со која ќе се овозможи подобра иднина, за идните генерации, за нас, за нашите деца. Пратениците се сепак и пред сѐ претставници на граѓаните, а граѓаните сакаат да живеат во ЕУ“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека прогресивните сили во општеството имаат обврска да го држат кормилото на земјата во вистинскиот, европски правец и да се спречат обидите за негово попречување.

„Политичкиот субјект Левица, со опасниот популизам, со својата анти-НАТО и анти-ЕУ запалива реторика е посилен фактор на дестабилизација и на загрозување на европскиот пат. Опасноста е дотолку поголема затоа што оваа партија ги има земено Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ како заложници. Мицкоски е слаб, без визија, без став, а ВМРО-ДПМНЕ е идеолошки обезличена и затоа Левица со своето дејствување стана десница и ги зема во целосно заложништво“ рече Ковачевски.

Тој додаде дека ваквите политики се закана за земјата, за сегашните и идните генерации и реална закана за попречување на европскиот пат, што ќе ја врати земјава во неизвесност и изолација и во внатрешни поделби на народот.