28. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски од Тетово: Со антикризните мерки ја спасивме економија кога многу земји доживеаја финансиски пад

„Резултатите од антикризните мерки се видливи и мерливи. Со антикризните мерки ја спасивме македонската економија, го поддржавме стандардот на граѓаните, компаниите, ранливите граѓани кога беше најпотребно. На многу економски посилни земји им се случи финансиски пад, погледнете една Британија на пример“ рече премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанската трибина во Тетово.

Тој додаде дека во исклучително тешки околности Владата успеа да го одржи буџетот стабилен, да не крахира, да се одржи енергетскиот систем и да се обезбедат храна, енергенси, греење и струја.

„Цената на електричната енергија ја субвенционираме за 600.000 домаќинства и за 72.000 компании, да не е таа субвенција сите ние ќе плаќавме и до пет пати повеќе за електрична енергија. Дополнително, фиксна, двојно поевтина цена на струјата добиваат 233 основи и средни училишта, 50 јавни претпријатија, 235 домашни компании кои произведуваат основни прехранбени продукти, вкупно 518 субјекти“ кажа Ковачевски.

Премиерот додаде дека веќе се гледа како некои видови на леб и млечни производи веќе се со намалени цени, а тоа намалување на цените на основните прехранбени продукти ќе продолжи и понатаму.

„Оваа мерка на Владата и економскиот тим доведе до намалување на цените на лебот, а очекувам да се намалат и цените на брашното, млекото, месото, маслото за јадење за околу 10 отсто. Ако пред 10 месеци клучното прашање беше дали ќе успееме да обезбедиме храна, пари, струја и нафта, денеска клучното прашање е можеме ли заедно да го пребродиме последниот дел од економската бура или не“ рече Ковачевски и додаде дека бурата е се уште во тек, но дека заедно ќе успееме да ја пребродиме глобалната економска криза и наредната 2023 година ќе биде економска пресвртница.