Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Еквадор за Република Северна Македонија, со седиште во Рим, Мигел Фалкони Пуиг.
Во поздравното обраќање на свечената церемонија, претседателот Пендаровски изрази уверување дека кај двете држави постои интерес за натамошно вложување на заеднички напори во насока на севкупно унапредување на односите и соработка на билатерален и на мултилатерален план.
„Убеден сум дека Вашето богато искуство и успешна кариера ќе бидат од посебно значење и ќе придонесат за натамошно интензивирање на односите меѓу Република Северна Македонија и Република Еквадор, креирајќи нови можности за унапредување на билатералниот политички дијалог, но и на иницијативите за зацврстување и проширување на сферите на соработка, вклучувајќи го економскиот, културниот, научно-образовниот и други аспекти од заемен интерес“, порача во обраќањето претседателот Пендаровски.
Амбасадорот во своето обраќање изрази подготвеност за унапредување на економската и трговската соработка меѓу двете земји, јакнење на дијалогот со македонските бизнисмени и унапредување на севкупната договорна рамка помеѓу Еквадор и Северна Македонија, а во насока на продлабочување на пријателските врски.
„Владата на Еквадор предлага да се започне со соодветни преговори за евентуално потпишување на договор за визно ослободување за носителите на дипломатски, официјални и службени пасоши, како и за назначување на почесни конзули на двете земји со седиште во Кито и Скопје. Воедно, би можеле да ги продолжиме преговорите за договор за избегнување на двојно оданочување, договор за заштита на инвестициите, можна размена на студенти меѓу Дипломатската академија на Северна Македонија и Дипломатската академија на Еквадор и меморандум за разбирање за мултилатерални прашања“, истакна амбасадорот Мигел Фалкони Пуиг на церемонијата на предавање на акредитивните писма.
Претседателот Пендаровски му посака успех на амбасадорот и изрази поддршка во вршењето на неговата дипломатската должност.